Британскиот премиер Кеир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски разговараа во пресрет на состанокот на „коалицијата на подготвените“ земји, која ќе понуди поддршка за Украина додека продолжуваат напорите за постигнување мировен договор со Русија.
Украина и понатаму е изложена на руски напади, при што загинаа најмалку шест лица, а делови од Киев останаа без вода и струја. Украинските сили, пак, изведоа дрон-напад врз руската Ростовска област, при што, според наводите, загинале три лица, а осум биле повредени.
Нападите следат по викенд-разговорите во Женева меѓу американски и украински претставници за мировниот план што го предлага администрацијата на Доналд Трамп.
Зеленски соопшти дека имал „добар и многу продуктивен“ разговор со Стармер и дека биле координирани ставовите за денешниот состанок на коалицијата, како и следните чекори во процесот.
Во меѓувреме, американскиот секретар за армија Ден Дрискал во Абу Даби разговарал со руски претставници за последните случувања по женевските разговори. Се очекува Зеленски да отпатува во Вашингтон до крајот на ноември за да ги финализира чекорите и да постигне договор со претседателот Трамп, соопшти украинскиот функционер Рустем Умеров.







