Танцовата претстава „Ајде!“ на Македонскиот културно-информативен центар го преполни Загрепскиот танцов центар

Преполна сала, долги овации и силни емоции ја одбележаа изведбата на современата танцова претстава „Ајде!“ во организација на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб. Големиот интерес на публиката резултираше со целосно исполнета сала на Загрепскиот танцов центар, што претставува уште една потврда за растечкиот интерес за македонската современа уметност и култура во Хрватска.

Публиката уживаше во впечатливата и моќна танцова претстава на авторите и кореографи Игор Киров и Бојан Мицев, која преку современ сценски израз отвора универзални теми за љубовта, слободата, припадноста и предизвиците наметнати од општествените норми.

Долгиот аплауз и емотивната реакција по завршувањето на претставата јасно покажаа дека „Ајде!“ е дело кое комуницира силно и непосредно со гледачите, без оглед на националните и културните граници.

Пред почетокот на претставата, на присутните им се обратија директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска Илиевска, директорката на Загрепскиот танцов центар Александра Мадсен и кореографот Игор Киров, еден од најистакнатите македонски балетски уметници и кореографи, со свестско реноме во доменот на модерниот танц, кој има постигнато врвни уметнички остварувања на меѓународната балетска сцена. Во своите говори тие ја поздравија публиката и ја истакнаа важноста на оваа прва соработка меѓу македонскиот КИЦ и Загрепскиот танцов центар, преку која македонската современа танцова уметност добива значајна меѓународна видливост и се отвораат нови можности за соработка, преку вмрежување и афирмација на македонските автори и уметници надвор од границите на државата, како и продлабочување на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.

„Уметноста има моќ да ги поврзува луѓето без оглед на границите, јазиците и различностите. Вечерва преполната сала на Загрепскиот танцов центар е најдобрата потврда дека публиката препознава искрена емоција, квалитет и значењето на културната размена меѓу Македонија и Хрватска“, истакна Ѓоргоска Илиевска.

Претставата „Ајде!“ претставува значаен пример на современото македонско танцово творештво, кое преку автентичен уметнички пристап успешно ги поврзува традицијата, современоста и универзалните човечки вредности. Ова е очигледен показател дека уметноста останува еден од најсилните мостови за поврзување на луѓето, културите и општествата.

Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а гостувањето во Загреб е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, реализирана во соработка со Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар со поддршка на Министерството за култура и туризам.

 

Scroll to Top