Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот, откако смртоносните погранични судири влегоа во третата недела. Средбата на официјални претставници е најавена за следната недела, со цел да се постигне траен прекин на борбите, пренесе „Би-Би-Си“.
Според тајландскиот министер за надворешни работи, Сихасак Фуангкеткеов, претходното примирје од јули било „избрзано“, бидејќи САД инсистирале договорот да биде потпишан пред посетата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Тој најави дека воените претставници на двете земји ќе се сретнат на 24 декември, пред евентуален нов договор. Камбоџа засега не се огласи.
Во обновените борби, кои вклучуваат артилериски напади и воздушни удари долж границата долга околу 800 километри, загинале најмалку 41 лице, а околу 900.000 луѓе биле раселени од двете страни на границата.
Ескалацијата предизвика загриженост и во регионот, при што на состанок на АСЕАН беше повикано на итно смирување на состојбата. Во посредувањето се вклучени и САД и Кина.
Судирите меѓу Тајланд и Камбоџа траат повеќе од еден век, а последното примирје, постигнато по посредство на Малезија и САД, се распадна на почетокот на декември, по што двете страни меѓусебно се обвинија за ново разгорување на борбите.







