Иран го примил одговорот на САД на својот најнов мировен предлог, а информацијата била доставена преку Пакистан, објавија иранските државни медиуми.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи потврдил дека американскиот одговор сега се разгледува, пишува Би-Би-Си.
Американската страна сè уште официјално не потврди дека му одговорила на Техеран.
Но, претседателот Доналд Трамп во саботата изјави дека „наскоро ќе го разгледа планот што Иран штотуку ни го испрати, но не можам да замислам дека би бил прифатлив“.
Според иранските медиуми, планот на Техеран во 14 точки бара од Вашингтон повлекување на силите од близина на иранските граници, прекин на поморската блокада на иранските пристаништа и запирање на сите непријателства, вклучително и израелската офанзива во Либан.
Планот исто така повикува на постигнување договор во рок од 30 дена, со акцент на „завршување на војната“, а не само на продолжување на постојното примирје.
Осврнувајќи се на предлогот, Трамп во саботата на својата социјална мрежа Truth Social напиша:
„Сè уште не платиле доволно висока цена за она што му го направија на човештвото и на светот во последните 47 години.“
Во разговор со новинарите во Палм Бич, Флорида, истиот ден, тој рече дека сè уште не го проучил детално планот.
„Ме информираа за концептот на договорот“, рече Трамп.
„Сега ќе ми го предадат точниот текст.“
На прашање на Би-Би-Си за можноста од обновување на воените напади врз цели во Иран, Трамп одговори дека тоа е „можност“.
„Ако се однесуваат лошо. Ако направат нешто лошо“, рече тој. „Но, засега ќе видиме.“
Се чинеше дека не е наклонет кон целосно повлекување од конфликтот, велејќи: „Не заминуваме“ и „Ќе го завршиме ова така што никој нема да мора да се враќа за две или пет години.“
Иранските државни медиуми наведуваат дека најновиот предлог на Техеран е одговор на американски план од девет точки, кој предвидувал двомесечно примирје.
Трамп во петокот испратил писмо до членовите на американскиот Конгрес, тврдејќи дека конфликтот е „завршен“ откако на 8 април стапило во сила примирјето, иако Иран и понатаму претставува „значајна“ закана за САД и неговите сили во регионот.
Тој тврдеше дека постојната блокада на иранските пристаништа не претставува продолжување на конфликтот.
„Тоа е многу пријателска блокада“, рече Трамп.
„Никој дури и не ја оспорува.“
Трамп исто така тврди дека не мора да бара законодавно одобрување за војната бидејќи примирјето го запрело одбројувањето за таа обврска.
Според законот, американскиот претседател мора да добие одобрување од Конгресот во рок од 60 дена од известувањето на законодавците за воена акција или да ги прекине непријателствата.
Петок беше 60-тиот ден откако Трамп на 2 март формално го извести Конгресот за американските напади врз Иран, кои започнаа на 28 февруари.
Во серија јавни настапи, Трамп повторно ја повтори својата порака дека: „Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје.“
Иран повеќепати негира дека се обидува да развие нуклеарна бомба, тврдејќи дека неговата програма е исклучиво мирољубива, иако е единствената држава без нуклеарно оружје што збогатувала ураниум до ниво блиску до она потребно за оружје.
Изјавите на Трамп доаѓаат во момент кога расте незадоволството меѓу американските законодавци, вклучително и многумина од неговата Републиканска партија, поради, како што сметаат, скапата и сложена војна со нејасни цели.







