Во округот Хат Јај, на југот на Тајланд, 17-годишен тинејџер застрелал директорка на училиште, соопштија властите.
Директорката Сасипат Синсамосорн им подлегнала на повредите откако напаѓачот отворил оган во училиштето „Патонгпратанкириват“ во провинцијата Сонгкла, јави „Ројтерс“.
Напаѓачот употребил огнено оружје што го украл од полицаец. Уште една ученичка била погодена, но нејзината здравствена состојба засега не е позната.
Директорката била пренесена на интензивна нега и оперирана, но починала околу два часот по полноќ поради тешки внатрешни повреди и голема загуба на крв, соопшти Министерството за здравство.
Според официјални информации, осомничениот имал сестра во училиштето, историја на злоупотреба на супстанции и бил отпуштен од психијатриска болница во декември.
Во текот на инцидентот, напаѓачот држел ученици и наставничка како заложници. Полицијата подоцна го привела, а сите заложници биле ослободени. Најмалку три лица биле повредени.







