Доналд Трамп го критикуваше британскиот премиер Кир Стармер за неговата улога во американските напади врз Иран, велејќи дека тој не бил од помош и дека односот меѓу двете земји очигледно не е каков што бил порано. Во разговор за британскиот весник „Сан“, Трамп изрази разочарување од ставот на Велика Британија, објавува „Сан“.
Трамп во телефонско интервју рече дека никогаш не помислил дека ќе го види ова, особено не од Велика Британија. Споредувајќи ги сојузниците, тој додаде дека Франција е одлична, како и другите, додека Велика Британија е многу поинаква.
Критиките на Трамп дојдоа откако владата на Стармер првично им го одби на Соединетите Држави користењето на британските бази за напад врз Иран, а потоа ги отвори за она што го нарече одбранбени напади. Стармер нагласи во Долниот дом во понеделник дека владата не верува во промена на режимот од воздух, осврнувајќи се на нападите.







