Американскиот Стејт департмент објави затворање на пет конзулати и дипломатски мисии во Азија, Африка, Северна Америка и Карибите. Овој потег предизвика критики поради проценките дека отвора простор за зајакнување на влијанието на Кина.
Конгресот е официјално известен за планот, кој е оправдан со намалување на трошоците. Одлуката е донесена откако администрацијата на Доналд Трамп, кој се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, спроведе преглед на билатералните односи со голем број земји, пишува The Guardian.
Според известувањето до конгресните комисии, за затвораат амбасадите во Сент Џорџ (Гренада), Нагоја (Јапонија), Медан (Индонезија), Дуали (Камерун) и Винипег (Канада).
Затворањата се продолжение на кратењата во работењето на Стејт департментот, предводени од државниот секретар Марко Рубио. Минатата година, Министерството отпушти повеќе од 1.300 вработени, од кои 246 беа дипломати и 1.107 државни службеници.
Според Американското здружение за надворешни работи (AFSA), повеќе од половина од 195-те амбасадорски позиции низ целиот свет остануваат непополнети. Ова важи и за клучни земји како што се Германија, Куба, Египет, Саудиска Арабија и Пакистан.
Демократите го критикуваа планот и предупредија дека ваквите потези ѝ дозволуваат на Кина да го прошири своето влијание. Џин Шахин, највисоката демократка во Комитетот за надворешна политика на Сенатот, изјави: „Кина има дипломатско присуство на три од петте локации каде што Стејт департментот затвора канцеларии. Пекинг ќе го користи тој простор за да работи против американските интереси“.
„Годишните трошоци за работење на овие дипломатски објекти се мал дел од буџетот на Стејт департментот“, додаде Шахин. „Дали навистина вреди да се повлечеме од место каде што Кина е веќе активна?“
Кина нема дипломатска мисија во Винипег, но има присуство во Сент Џорџ, Нагоја и Медан. Мисијата на САД во Сент Џорџ, главниот град на Гренада, има статус на амбасада, додека канцеларијата во Дуала е наведена како филијала на амбасадата.
фото/Depositphotos







