Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека зема поголеми дози аспирин од оние што му ги препорачале лекарите, наведувајќи дека тоа е причината за видливите модринки на рацете, кои повторно покренаа прашања за неговото здравје во последните месеци.
„Велат дека аспиринот е добар за разредување на крвта, а јас не сакам густа крв да ми тече низ срцето. Сакам убава, ретка крв. Дали тоа има смисла?“, рече Трамп во интервју за „Волстрит Журнал“ (WSJ).
Американскиот претседател изјави и дека лекарите го советувале да зема помала доза, но дека тој зема поголема доза со години, истакнувајќи дека тоа може да предизвика модринки.
Во интервјуто, Трамп зборуваше и за медицинското снимање извршено во октомври, наведувајќи дека не станува збор за магнетна резонанца, туку за компјутеризирана томографија, која, според лекарите, е спроведена за да се исклучат кардиоваскуларни проблеми и дала добри резултати.
Претседателот, исто така, потврди дека има проблеми со оток на долниот дел од нозете, за што Белата куќа претходно објави дека е резултат на хронична венска инсуфициенција, како и дека не сака да носи компресивни чорапи или да се занимава со редовна физичка активност.
Кога беше прашан за ситуации кога изгледал поспан на јавни настани и за својот слух, Трамп одговори дека не заспива, но дека понекогаш ги затвора очите затоа што му е удобно, додека проблемите со слухот ги опиша како минимални.
Според CNN, интервјуто се смета за еден од најобемните разговори што Трамп ги имал со новинарите за неговото здравје, во време на зголемено внимание на јавноста поради неговата возраст, способноста за извршување на своите должности и транспарентноста во врска со медицинските податоци.
Модринки на неговата десна рака се забележани и претходно, но тие добија дополнително внимание откако се обиде да ги покрие со шминка и завои.
Личниот лекар на Трамп, Шон Барбабела, изјави за WSJ дека тој зема 325 милиграми аспирин дневно.
Медицинските експерти наведуваат дека аспиринот го намалува згрутчувањето на крвта, но го зголемува ризикот од крварење, поради што секојдневната употреба кај постарите лица се препорачува сè помалку во последните години.
Професорот по медицина од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Џонатан Рајнер, оцени дека презентираните информации покренуваат повеќе прашања отколку одговори, наведувајќи дека е невообичаено една таблета аспирин дневно да предизвика такви модринки, пренесува Танјуг. Барбабела, од друга страна, рече дека Трамп „останува во исклучителна здравствена состојба“, нагласувајќи дека медицинските наоди покажуваат одлично метаболичко и кардиоваскуларно здравје.







