Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.

„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.

Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.

Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.

Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.

Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.

 

фото/Depositphotos

Scroll to Top