Трамп повика на смена на Зеленски: Време е Украина да добие нов претседател

Американскиот претседател Доналд Трамп отворено повика на промена на украинското раководство, оценувајќи дека е време Украина да добие нов претседател наместо Володимир Зеленски, пренесува агенцијата АП.

„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да постигне договор. Бидејќи тој можеше да постигне многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Трамп го обвини Зеленски и дека со нападите врз руските рафинерии предизвикува проблеми во глобалното снабдување со дизел-гориво.

„Им рековме: Правете ѝ на Русија што сакате, но не ги напаѓајте рафинериите бидејќи така му создавате проблем на целиот свет“, рече Трамп, додавајќи дека украинскиот претседател мора да престане со ваквите напади.

Изјавите следуваат по договорот што Трамп го постигна со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на големи количества руски дизел на светскиот пазар, со цел да се ублажи растот на цените на горивата, дополнително поттикнат од војната со Иран.

Според најавата, Русија треба веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел, дополнителни 500.000 тони во ноември и уште еден милион тони потоа.

Зеленски остро го критикуваше договорот, предупредувајќи дека приходите од продажбата на руски енергенти ќе ѝ овозможат на Москва да ја продолжи војната. Тој посочи дека Русија одговорила на олеснувањето на санкциите со напад врз Запорожје, каде што, според украинските власти цитирани од АП, загинале најмалку 20 лица, меѓу кои три деца.

Американскиот портал „Аксиос“ објави дека Трамп го постигнал договорот со Путин откако Зеленски игнорирал најмалку шест американски барања за прекин на нападите врз руските рафинерии. Според американски функционер, Зеленски бил подготвен да ги запре нападите доколку Русија истовремено престане да ги напаѓа украинските електрани, но Вашингтон барал едностран прекин.

Напнатоста дополнително се зголемила за време на преговорите во Мајами, каде што американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер разговарале со украински и европски претставници. Според украински функционер, американската страна спомнала можност за прекин на размената на разузнавачки информации со Киев, што американски функционер го демантирал.

И покрај договорот со Трамп, Путин засега не се согласил на итно продолжување на мировните преговори со Украина, изјави неговиот советник Јуриј Ушако.

Scroll to Top