Синоќа во хрватскиот град Дрниш е убиен 19-годишник, а полицијата интензивно трага по 50-годишен осомничен кој избегал по пукањето.
Како што соопшти Полициската управа Шибеник-Книн, злосторството се случило околу 23:05 часот на терасата од семејна куќа во Дрниш.
Според досега познатите информации, 50-годишниот К.А. со огнено оружје пукал во 19-годишен хрватски државјанин, кој починал на самото место од повредите.
Како што дознава Јутарњи, убиениот 19-годишник му ја доставил нарачаната храна на 50-годишниот К.А., по што овој го убил под сè уште неразјаснети околности.
Во текот на ноќта, полицијата објави дека на терен има голем број полицајци, како и дека во тек е потрага по сторителот и кривична истрага за утврдување на сите околности на инцидентот.
Полицијата, исто така, објави дека осомничениот претходно ѝ бил познат на полицијата. Во 2023 година, против него е поднесена кривична пријава до Општинското државно обвинителство во Шибеник за кривично дело нелегално поседување, производство и набавување оружје и експлозивни материи.
Потрагата по осомничениот сè уште е во тек, како и расветлувањето на околностите на убиството на 19-годишникот.







