Украина ги отфрли тврдењата на Русија: „Путин не бара мир, туку начини за продолжување на војната“

Украина во петокот ги отфрли руските тврдења дека ги блокира мировните преговори, велејќи дека Москва „не покажува намера да ја заврши војната“.

Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Георги Тихи, изјави дека украинските претставници патувале во Истанбул неколку пати оваа година на директни разговори со нивните руски колеги.

„За жал, она што го видоа таму беше група лица од понизок ранг кои повторуваа стари ултиматуми и немаа никакво овластување да решаваат проблеми“, рече Тихи.

„Причината е едноставна: Путин не бара мир, тој бара начини за продолжување на војната“.

Одговарајќи на изјавите на рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин, кој рече дека Москва е подготвена за директни преговори, но дека на Киев му недостасува „политичка волја“, Тихи му порача на Кремљ да ја прекине својата агресија.

„Кажете му на вашиот шеф да ја запре војната. Кога ќе биде подготвен – можеме да одржиме состанок на лидерите и да се договориме за прекин на огнот“, нагласи тој.

Турција годинава беше домаќин на најмалку три рунди обновени разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул, што доведоа до размена на затвореници и потпишување на меморандуми за визија за прекин на конфликтот.

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп подоцна се сретнаа во Алјаска на 15 август, додека планираниот нов самит во Будимпешта беше откажан.

Додека Украина и Европската Унија, со поддршка на Соединетите Американски Држави, инсистираат на прекин на огнот пред какви било суштински преговори, Русија тврди дека „прво треба да се решат причините за конфликтот што трае од 2022 година“.

Фото: принтскрин

Scroll to Top