Фату, најстарата горила во светот, го прослави 69. роденден

Фату, најстарата горила во светот што живее во заробеништво, го прослави својот 69-ти роденден во зоолошката градина во Берлин. За таа пригода, таа беше почестена со посебна гозба составена од домати, цвекло, праз и салата, но немаше роденденска торта бидејќи шеќерот не е здрав за приматот во поодмината возраст.

Како западна низинска горила, Фату далеку го надживеала типичниот животен век на нејзиниот вид во дивината, кој е од 35 до 40 години, објавува Euronews.

Таа пристигнала во тогашниот Западен Берлин во 1959 година, за време на Студената војна, и се проценува дека во тоа време имала околу две години. Горилите во дивината живеат помеѓу 35 и 40 години, но во зоолошките градини, благодарение на грижата и лековите, можат да живеат многу подолго.

Фату стана најстариот жител на зоолошката градина во 2024 година, по смртта на фламингото Инга, за која се верува дека имала најмалку 75 години и живеела во зоолошката градина од 1955 година.

Се верува дека Фату е родена во дивината во Западна Африка. Според приказната запишана во Гинисовата книга на рекорди, таа била фатена од француски морнар, кој потоа ја искористил за да плати сметка за бар во Марсеј. Потоа наводно била продадена на француски трговец со животни во Берлин.

Денес, Фату живее во свој ограден простор и претпочита да се држи подалеку од групата други горили. Поради нејзината возраст, таа ги изгубила забите, а исто така страда од артритис и губење на слухот.

Кристијан Ауст, надзорник на приматите во зоолошката градина во Берлин, вели дека таа е пријателски настроена кон своите чувари, но може да биде и тврдоглава.

фото/ЕПА

Scroll to Top