Во рускиот ракетен напад врз градот Николаев во јужна Украина синоќа, најмалку седум лица се повредени, а десетици куќи и објекти од цивилна инфраструктура се уништени или оштетени, изјави денес началникот на Николаевската регионална воена администрација Виталиј Ким. Државната служба за вонредни ситуации на Николаевската област објави дека како резултат на рускиот ракетен напад се оштетени приватни куќи и цивилни домови, како и дека се спроведуваат итни спасувачки операции и се гаси пожарот на местото на ударот, пренесува „Униан“. Ким во објава на Телеграм изјави дека три лица се хоспитализирани од полноќ. Тој објави фотографии на кои се гледаат поединечни станбени згради кои биле речиси уништени, наведувајќи дека 23 приватни куќи, 12 станбени згради и пошта биле оштетени во рускиот напад, пренесува Ројтерс. Украинските воздухопловни сили објавија на Телеграм дека Русија синоќа лансирала 76 дронови и седум ракети насочени кон Украина и дека биле погодени осум локации низ Украина. Се додава дека украинските единици за воздушна одбрана уништиле 60 руски беспилотни летала и една ракета. Во регионите Запорожје и Херсон, на фронтовската линија, најмалку три лица се убиени, а повеќе од 12 се повредени како резултат на руските напади во текот на изминатите 24 часа, соопштија шефовите на регионалните воени администрации. Русија, исто така, започна ракетен напад со краток дострел врз Киев, но нема извештаи за повредени или штети.
