Швајцарскиот претседател Гај Пармелен денес изјави дека пожарот што избувна во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ е една од најлошите трагедии што ја погодиле таа земја, а командантот на кантоналната полиција Фредерик Жизле рече дека околу четириесет лица загинале во пожарот, а 115 се повредени.
„Тоа е драма од невидени размери. Животите на многумина, особено на младите, беа брутално прекинати“, рече Пармелен, според швајцарскиот весник „Темп“.
Тој ги пофали швајцарските кантони за нивната мобилизација за помош и солидарност, а им се заблагодари и на соседните земји кои понудија помош, пред сè на Германија, Италија и Франција.
Тој оцени дека станува збор за „страшен контраст“, бидејќи трагедијата се случила во одморалиште посветено на забава.
Пармелен изјави дека знамињата во Федералната палата ќе бидат спуштени на половина копје во следните пет дена.
Претседателот на Државниот совет, Матија Ренар, изјави дека ќе биде потребно долго време за да се идентификуваат телата на жртвите.
Претседателот на Кран-Монтана, Никола Феро, им вети на семејствата на жртвите поддршка од таа општина.
Сите повредени беа згрижени, првенствено во Лозана и Цирих, со тешки изгореници.
„Темп“ објави дека веројатно ќе биде побарана помош од болниците во Италија и Франција.
Приоритет, како што беше наведено на денешната прес-конференција, ќе биде идентификацијата на мртвите.
Властите веруваат дека меѓу загинатите има луѓе од различни националности, но официјалните лица велат дека ќе бидат потребни недели за да се идентификуваат.
Голем број странски туристи беа меѓу повредените во пожарот.
Медиумите известуваат дека повеќето од присутните гости биле на возраст меѓу 15 и 20 години.
Полицијата потврди дека не станува збор за терористички напад, а засега властите не ги коментираат наводите за можните причини за пожарот.







