(ВИДЕО) Apple никогаш не бил поевтин: Претставен MacBook Neo од 599 долари кој менува сè

Компанијата од Купертино го шокираше пазарот на лаптоп PC уреди со најавата за новиот MacBook.

Американската технолошка компанија Apple го претстави компјутерот MacBook Neo по цена од 599 долари, директно предизвикувајќи ги производителите на Windows компјутери и Chromebook-и кои продаваат по слични прифатливи цени.

Новиот модел е за 400 долари поевтин од најприфатливиот лаптоп од новата генерација од досегашната понуда на Apple и значително под цената на сегашниот MacBook Air, кој сега чини 1.099 долари.

Ова е значаен пресврт за Apple, кој со децении избегнуваше лансирање евтини MacBook компјутери, објавува Bloomberg.

Благодарение на напредокот во процесорите за iPhone, компанијата успеа да ја намали цената без многу компромис во однос на перформансите.

Уредот е направен од алуминиум и има 13-инчен екран, а го користи чипот на iPhone A18 Pro, што е прв пат Apple да интегрира процесор за паметни телефони во MacBook компјутерите.

Основниот модел има 256 GB меморија, додека верзијата од 699 долари нуди 512 GB и вклучува опција за биометриска автентикација (Touch ID).

MacBook Neo нуди до 16 часа траење на батеријата, осветленост на екранот до 500 нити и осум гигабајти RAM меморија.

Уредот работи на истиот оперативен систем (macOS) како и другите MacBook-ови и е доволно моќен за секојдневни задачи како што се прелистување на интернет, обработка на текст, видео повици и основно уредување фотографии.

Новиот MacBook Neo е достапен во цитрусно жолта, сребрена, индиго и светло розова боја, а компанијата со ова цели на студенти и пошироката јавност.

Scroll to Top