Дел од производството Apple го сели од Кина во САД

Американскиот технолошки гигант Apple соопшти дека дел од производството на компјутерот Mac mini ќе го пресели од Азија во Хјустон, САД, а производните линии треба да почнат со работа до крајот на годинава.

Овој потег се надоврзува на најавата од август за инвестиции од 600 милијарди долари во САД во наредните четири години. Во Хјустон е предвиден и центар за обука за напредно производство, а проширувањето, според компанијата, ќе отвори илјадници нови работни места.

Во мај, американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на компанијата Apple со царина од 25 отсто за производи произведени во странство. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако Врховниот суд на САД пресуди дека претседателот ги пречекорил овластувањата со измената на царините. Трамп потоа најави привремени царини од 10 отсто, со важност до 180 дена.

Извршниот директор на Apple, Тим Кук, изјави дека компанијата е „цврсто одлучна да ја поддржи иднината на американската индустрија“.

И покрај тоа, најголемиот дел од производството на Apple, вклучувајќи ги iPhone и iPad, и натаму се одвива во Азија, претежно во Кина, иако дел е префрлен во Виетнам, Тајланд и Индија.

Scroll to Top