Кинеските хуманоидни роботи доминираат на глобалниот пазар и привлекуваат огромно внимание од светската јавност, но некои експерти предупредуваат дека вистинската побарувачка сè уште заостанува зад производствените капацитети.
Минатата година на глобалниот пазар беа испорачани повеќе од 13.000 хуманоидни роботи, а водечките кинески брендови AGIBOT и Unitree испорачаа по 5.000, покривајќи околу 85 проценти од пазарот, објавува АП.
Кинеските стартапи имаат огромна предност поради силната државна поддршка што е усогласена со петгодишниот план од 2026 до 2030 година, каде што напредните технологии и хуманоидната роботика се поставени како апсолутни приоритети.
Unitree веќе работи исклучително профитабилно со минатогодишниот приход од околу 250 милиони долари и нето добивка што надмина 41 милион долари.
Кинеските роботи се во просек најмалку 20 проценти поевтини од странските модели поради употребата на локални делови, а некои поедноставни модели во Кина чинат помалку од 6.000 долари.
Американската банка Морган Стенли проценува дека просечната цена на хуманоиден робот ќе падне од минатогодишните 46.000 долари на околу 21.000 долари до 2050 година.
Но дали е сè толку прекрасно?
И покрај големиот оптимизам на инженерите, многу експерти предупредуваат дека повеќето од денешните хуманоидни роботи имаат повеќе забавна и перформативна улога отколку што се навистина функционални, бидејќи сè уште не се способни успешно да работат во непредвидливи и сложени средини од реалниот свет.
Аналитичарите истакнуваат дека многу фабрики веќе користат класични роботски раце за повторувачки задачи и немаат вистинска потреба од скапи машини слични на луѓе, поради што технолошките компании се борат да најдат клиенти во индустрискиот сектор.
Огромен предизвик за инженерите е и собирањето висококвалитетни податоци од реални, канцелариски и малопродажни средини, со цел да ги обучат роботите да извршуваат сложени и разновидни задачи наместо само едно повторувачко дејство, а оваа обука ќе бара години работа, според експертите.
Прогнозите за иднината остануваат амбициозни, при што „Морган Стенли“ очекува продажбата во Кина да се зголеми повеќе од двојно оваа година и да достигне околу 28.000 хуманоидни роботи.
Истражувачката фирма Omdia проценува дека до почетокот на следната деценија, глобалните годишни испораки на напредни роботи би можеле да надминат еден милион единици.






