Sony разви технологија која детектира оригинална музика во песни генерирани од вештачка интелигенција.
Јапонската технолошка компанија Sony разви технологија што може да идентификува оригинална музика што се користи за генерирање песни со употреба на вештачка интелигенција, отворајќи им можност на авторите да добијат дел од приходите доколку нивната работа се користи за обука на AI системите.
Новата технологија анализира кои специфични песни и изведувачи биле користени за време на обуката и генерирањето музика, како и нивниот придонес во одредена мелодија или композиција, објавува „Кјодо“.
На пример, новиот систем на Sony може да утврди дека одредена песна генерирана од вештачка интелигенција содржи „30 проценти влијание од Битлси“ и „10 проценти влијание од Ролинг Стоунс“, квантификувајќи го придонесот на оригиналните автори.
Доколку развивачите на моделот со вештачка интелигенција соработуваат, Sony може директно да пристапи до податоците преку поврзување со основниот AI модел.
Во спротивно, Sony ќе го анализира потеклото на музиката со споредување на композициите генерирани од вештачка интелигенција со постоечки каталог на оригинални песни.
Музичката индустрија веќе се соочува со голем број правни спорови околу употребата на содржина заштитена со авторски права без дозвола.
Песните со гласовите на познати пејачи генерирани од вештачка интелигенција се шират на Интернет, што предизвикува контроверзии околу прашањата за авторски права и надоместоци.
Sony верува дека новата технологија би можела да овозможи систем во кој приходите од музиката со вештачка интелигенција се распределуваат на авторите пропорционално на нивниот придонес.
Новиот систем за детекција е развиен од истражувачката единица за Sony AI, а резултатите беа прифатени на меѓународна конференција, објавува Nikkei.
Покрај музиката, системот би можел да се примени на видео содржини, игри и ликови, како и на стилот на прикажување на ликовите од продукции како што е Studio Ghibli.
Јапонската компанија сè уште не објавила кога технологијата ќе биде комерцијално применета, но очекува дека би можела да се користи и во моделите на вештачка интелигенција и во преговорите за лиценцирање помеѓу технолошките и медиумските компании.






