Instagram демантира дека имало хакерски напад и тврди дека корисничките сметки не се компромитирани.
Instagram објави дека немало повреда на податоци, откако бројни корисници се пожалија во последните денови дека добиваат неочекувани е-пораки со барања за ресетирање на лозинката.
Загриженоста дополнително се зголеми по најавите на некои безбедносни компании кои тврдеа дека податоците на милиони сметки на Инстаграм се појавиле на продажба на dark web. Наводно, компромитираните податоци вклучувале кориснички имиња, е-адреси и телефонски броеви.
Сепак, Instagram наведува дека спровеле внатрешна истрага и утврдиле дека немало повреда во системот. Како што е објавено, проблемот бил предизвикан од техничка грешка што им овозможила на надворешни актери да иницираат испраќање е-пораки за ресетирање на лозинката, иако сметките не биле компромитирани.
„Го идентификувавме и го решивме проблемот. Нема докази дека корисничките податоци се компромитирани“, соопшти компанијата.
Instagram им советува на корисниците да ги игнорираат е-пораките за ресетирање на лозинката, освен ако самите не покренале такво барање, извинувајќи се за конфузијата и непријатностите.






