Нова функција на Facebook: Сами кажете му што сакате да гледате

Facebook воведува функција која ви овозможува, со свои зборови, да наведете каков вид содржина би сакале да гледате почесто или поретко во вашиот „фид“ (почетна страница).
Новата опција „Вашиот алгоритам“ („Your Algorithm“) им овозможува на корисниците директно да влијаат врз алгоритмот што препорачува содржина, наместо целосно да се потпираат на автоматските препораки на платформата, соопштија од Meta.
Корисниците можат да ги опишат своите интереси и преференции користејќи природен јазик, а овие промени се одразуваат врз препорачаната содржина во реално време.
Истовремено, Meta го ажурираше менито што се појавува при кликнување на трите точки до некоја објава, со што на корисниците им се олеснува прилагодувањето на нивните преференции.
Од таму, тие можат да пристапат до опцијата „Вашиот алгоритам“ или да означат дали им се допаѓа одредена содржина.
Платформата може да постави и дополнителни прашања за подобро да разбере што корисникот сака да гледа повеќе, а што сака да гледа помалку.
Воведувањето на оваа нова функција е дел од пошироките напори на Meta да им овозможи на корисниците поголема контрола врз содржината што им се прикажува, наведоа од компанијата со седиште во Менло Парк.
