Стартапот за вештачка интелигенција xAI, во сопственост на Илон Маск, поднесе тужба против маж од Јужна Каролина, обвинувајќи го за злоупотреба на нивниот систем Grok AI за создавање материјал за сексуална злоупотреба на деца. Обвинетиот, Тери Харвуд, беше уапсен претходно оваа година под обвинение за сексуална експлоатација на малолетник.
Ова е еден од првите случаи во кои компанија за вештачка интелигенција тужи корисник поради вакви обвинувања, објавува The Guardian.
Тужбата е поднесена во федералниот суд во Тексас во вторник. Во неа, xAI тврди дека Харвуд ги прекршил условите за користење. Контакт информациите за Харвуд, кој беше уапсен во февруари, не беа веднаш достапни, а портпаролите на xAI не одговорија веднаш на барањето за коментар вчера.
Тужбата против Харвуд доаѓа во време кога xAI е под силен глобален притисок поради обвинувањата дека неговиот систем Grok AI им овозможува на корисниците да создаваат реалистични сексуализирани видеа, познати како deepfakes, без согласност на снимените лица.
Тие бараат парична отштета и забрана за користење на Grok
Во тужбата се наведува дека компанијата ги спроведува своите политики против прекршителите со суспендирање и затворање на сметки и пријавување сомнителни материјали до Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца. xAI тврди дека Харвуд поставил несексуални фотографии од возрасни и малолетници на Grok.
Потоа, според тврдењата на компанијата, тој се обидел да го користи системот за генерирање сексуално експлицитни „дипфејкови“ врз основа на тие фотографии. Во тужбата се додава и дека создал сексуални слики од возрасни без нивна согласност.
Компанијата бара неодредена парична отштета и судска одлука со која трајно би му се забранило на Харвуд да го користи Grok.
„Дејствијата на обвинетиот претставуваат пресметана шема за злоупотреба на алатките на тужителот за криминални цели. Притоа, тој ги изложил вистинските жртви на длабока и трајна штета, а тужителот на значителен правен ризик и штета на угледот“, се наведува во тужбата на xAI.






