Руи-Сианг Лин, основачот и операторот на озлогласениот Incognito Market, е осуден на три децении затвор во Њујорк за трговија со дрога и перење пари на „дарк веб“.
Канцеларијата на јавниот обвинител на САД за Јужниот округ на Њујорк ја објави пресудата, со која му наложи на Лин, познат на интернет како „Pharaoh“, покрај затворската казна, да предаде повеќе од 105 милиони долари нелегални приходи на владата. По отслужувањето на казната, Лин ќе помине уште пет години под надзор.
Лин го лансираше Incognito Market во октомври 2020 година, користејќи ја мрежата Tor за да го прикрие својот идентитет и локацијата на серверот. За речиси четири години работење, платформата стана една од најголемите светски дестинации за нелегална трговија. Според судските документи, страницата продала повеќе од еден тон кокаин, еден тон метамфетамин и огромни количини други опасни супстанции.
Following an investigation by FBI New York and @SDNYnews, Rui-Siang Lin was sentenced to 30 years in prison for conspiring to distribute narcotics, money laundering, and conspiring to sell adulterated and misbranded medication. Rui-Siang Lin owned and operated the Incognito… pic.twitter.com/jSZZOB7CDR
— FBI New York (@NewYorkFBI) February 4, 2026
Пазарот имал над 400.000 купувачи и 1.800 продавачи, обработувајќи повеќе од 640.000 индивидуални трансакции. Особено трагичен детаљ наведен во обвинението е продажбата на фалсификуван оксикодон кој бил измешан со фентанил, што довело до смрт на 27-годишен маж од Арканзас.
Она што го издвојува овој случај од другите е неверојатниот цинизам на Лин. Додека раководел со глобален синџир за дрога и самиот го пишувал кодот за страницата, Лин бил држел четиридневен курс за обука на тема „Кибер криминал и криптовалути“ за локална полиција.
Пред да ја затвори страницата во март 2024 година, Лин наводно се обидел да изнуди повеќе пари од своите корисници и продавачи, заканувајќи се дека ќе ги објави нивните податоци и историјата на трансакциите ако не му платат.
Судијката Колин Мекман го опиша случајот како „најсериозниот случај со дрога“ што го видела во нејзината 30-годишна кариера. Американските обвинители рекоа дека пресудата испраќа јасна порака: децентрализацијата, блокчејнот и технологиите на darknet не даваат никому дозвола да се занимава со криминал.
Лин беше уапсен во мај 2024 година на аеродромот ЏФК во Њујорк и се изјасни за виновен во декември истата година, со што заврши обемна истрага во која беа вклучени ФБИ, њујоршката полиција, ФДА и други федерални агенции.






