Шефот на Google: AI е корисен, но и склон кон грешки

Корисниците не треба слепо да веруваат на сè што им кажуваат нивните алатки за вештачка интелигенција (AI), изјави денес за BBC шефот на матичната компанија на Google, Alphabet.

Извршниот директор на компанијата, Сундар Пичаи, изјави за британскиот медиум дека моделите на AI се склони кон грешки и ги повика корисниците да ги користат заедно со други алатки.

Пичаи ја нагласи важноста на богат информациски систем, наместо да се потпираат исклучиво на технологијата на AI, објави BBC.

„Затоа луѓето го користат пребарувањето на Google, а ние имаме и други производи што обезбедуваат подобри, поточни информации“.

Пичаи, индиско-американскиот шеф на Alphabet, рече дека алатките на AI се корисни ако „сакате да напишете нешто креативно“, но предупреди дека луѓето треба да научат да ги користат овие алатки за „она во што се добри, а не само слепо да веруваат на сè што ќе кажат“.

„Горди сме на трудот вложен во обезбедување на најточни можни информации, но дури и најдобрата технологија на AI во моментов е склона кон грешки“, нагласи тој.

Пичаи разговараше со BBC додека технолошкиот свет со нетрпение очекува нова верзија на комерцијалниот модел на вештачка интелигенција на Google, Gemini 3.0, кој во тековните верзии веќе врати дел од пазарниот удел во битката против ChatGPT.

Неговите коментари се во согласност со истражувањето на BBC спроведено претходно оваа година, кое заклучи дека ботовите со вештачка интелигенција се неточни при производство на резимеа на вести.

На ChatGPT на OpenAI, Copilot на Microsoft, Gemini на Google и Perplexity AI им беше дадена содржината на BBC заедно со неколку прашања, а нивните одговори имаа „значајни непрецизности“, беше заклучено во тоа време.

Scroll to Top