Данска ги забрани сите цивилни летови на дронови до 3 октомври пред самитот на Европската унија во Копенхаген, објави данскиот министер за транспорт.
Министерството соопшти дека одлуката е донесена за да се „олесни безбедносната работа“ на полицијата, објаснувајќи дека не можат да дозволат „странски беспилотни летала да создаваат несигурност и нарушување“.
Данска, како и неколку други европски земји, пријави голем број „инциденти со беспилотни летала“ во последните недели. Само еден ден пред забраната, беа видени беспилотни летала како летаат над данските воени објекти.
Првите неидентификувани дронови беа забележани на 22 септември, при што накратко беа затворени аеродромите во Копенхаген и Осло. Минатата недела, летовите беа привремено суспендирани и во Алборг и Билунд поради слични закани.
Истрагата на данските власти сè уште не утврди кој стои зад летовите. Министерот за одбрана ги нарече настаните „хибриден напад“ и дел од „систематска операција“. Премиерката Мете Фредериксен потврди дека е во тек истрага и не ја исклучи можноста Русија да стои зад нападите.
Москва ги отфрли ваквите обвинувања, велејќи дека „силно отфрла“ каква било вмешаност.
фото: принтскрин






