ЕУ разгледува 160 апликации за нови рударски проекти, додека Иловица-Штука останува во застој

Европската Унија продолжува да го забрзува развојот на сопствените капацитети за критични минерали, со цел да ја намали зависноста од трети земји, додека во Македонија единствената актуелна голема инвестиција во металичен рудник – проектот „Иловица-Штука“ – и натаму е во застој.

На вториот повик за финансиска поддршка за рударски проекти до Европската комисија биле поднесени 160 апликации, а резултатите од селекцијата се очекува да бидат објавени наскоро. Од нив, 95 апликации се од земји-членки на ЕУ, а 66 од земји надвор од Унијата, меѓу кои 40 од држави со кои ЕУ има стратешки партнерства за суровини.

Според Европската комисија, 75 од предложените проекти се поврзани со вредносниот синџир на батериите, 21 се однесуваат на ретки земни елементи за производство на трајни магнети, додека дел од апликациите се поврзани со материјали важни за одбранбениот сектор.

„Големиот број на апликации ја покажува важноста на Директивата за критични суровини, за обезбедување јасност за промоторите на проекти, потенцијалните инвеститори, индустријата и земјите-членки“, соопшти Европската комисија.

Оттаму додаваат дека проектите треба да придонесат за диверзификација на снабдувањето и обезбедување материјали неопходни за стратешките енергетски, дигитални и одбранбени сектори, што го оценуваат како основа за економската безбедност и долгорочната стратешка автономија на Европа.

Во исто време, европскиот пристап кон развојот на рударството не значи отстапување од еколошките стандарди. Иако процедурите за критичните минерали се забрзуваат, остануваат научните проценки, мониторингот, финансиските гаранции и обврската за рекултивација.

Во Македонија, пак, проектот „Иловица-Штука“ е единствената актуелна голема инвестиција во металичен рудник. Проектот за бакар е ревидиран од аспект на влијанието врз животната средина, а инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“ посочува дека во ниту една фаза од процесот нема да се користат цијанид или сулфурна киселина.

Според податоците од истражувањата, рудникот би можел да работи 23 години, со производство од над 16.000 тони бакар годишно. По завршувањето на експлоатацијата, предвидено е рударската постројка да биде демонтирана и отстранета во период од две години, по што земјиштето би било рекултивирано.

За реализација на овие обврски, инвеститорот се задолжил да формира фонд од 30 милиони евра, наменет за пошумување и обновување на вегетацијата на пасиштата.

Европското искуство покажува дека развојот на рударството и високите еколошки стандарди можат да функционираат паралелно. Во првата селекција во 2025 година беа определени 47 стратешки проекти во ЕУ и 13 во партнерски земји.

Меѓу нив се и проекти во Шведска, која истовремено има високи еколошки стандарди и развиена рударска индустрија. Според Шведскиот геолошки завод, во 2025 година во земјата работеле 13 металични рудници, со производство на железна руда, бакар, цинк, олово, злато и сребро.

Финска, исто така, развива индустрија базирана на злато, никел, бакар, кобалт, хром и индустриски минерали. Австрија е пример за примена на современи технологии во рударството преку рудникот Митерсил во Салцбург, каде се експлоатира шелитна руда за производство на волфрам.

Во Шпанија, пак, Андалузија е еден од главните центри на металното рударство. Според ОЕЦД, регионот обезбедува 35% од рударското производство на Шпанија, 30% од вработеноста во шпанскиот рударски сектор и околу 90% од металното рударство во земјата, а е и втор најголем производител на бакар во ЕУ.

Додека европските земји ги зголемуваат инвестициите и поддршката за критичните минерали, Македонија останува со ограничен број активни металични рудници и без реализација на нова голема инвестиција во секторот. „Иловица-Штука“ во тој контекст останува најзначајниот најавен проект за нов металичен рудник во земјата.

ПР

Scroll to Top