Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес конференција истакна дека проширувањето на буџетските извори преку европските фондови, особено преку програмата Horizon Europe, претставува реална можност за одржлив развој и модернизација на општината.
Меџити, придружуван од неговиот советник за финансии и буџет, Бујамин Бела, изјави дека приоритет на неговиот тим е создавање на разновидност во буџетската структура и обезбедување нови извори на финансирање со цел зголемување на капиталните инвестиции и долгорочните развојни проекти.
„Наш приоритет е да создадеме разновидност во буџетската структура и изворите на финансирање, со цел да ја зголемиме можноста за капитални инвестиции и долгорочни развојни проекти. Во оваа насока, постојано истражуваме различни начини на финансирање, со јасна цел, да изградиме поразвиен, иновативен и конкурентен Чаир. Според досегашните податоци, Северна Македонија има добиено нето само околу 12 милиони евра од програмите на Horizon, што претставува само 0.03% од вкупно достапните средства. Овој податок јасно покажува дека има голем простор за напредок, и време е општините, особено Чаир, да преземат поактивна улога во оваа насока“, изјави Меџити.
Тој додаде дека Чаир ќе следи нов пристап во развојот, преку аплицирање за проекти што носат повеќе инвестиции, работни места и поквалитетни услуги за граѓаните, користејќи ги европските фондови и меѓународната соработка.






