На денешниот митинг во Шуто Оризари во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќање имаше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што кажа дека Шуто Оризари ќе стане пристојно место за живеење, ќе се решаваат инфраструктурни проекти каде граѓаните ќе имаат квалитетен живот.
„Многу ми е драго што сум тука, во Шуто Оризари – место со многу проблеми, но со големо срце и душа. Долго време оваа општина беше ставана на маргините. Предолго време беше поттурнувана на страна, беше газено достоинството и честа на луѓето. А оваа општина е на само неколку километри од центарот на градот, но со супстандардни услови. Тоа што политичарите тука доаѓаа само пред избори, ветуваа и не остваруваа ништо, само покажува колку го потценуваа народот на Шутка. Тоа не смее повеќе да се повторува, а и вие добро ги знаете тие луѓе кои на Шуто Оризари гледаа само како на гласачка машинерија. Јас ве гледам во очи, стојам пред вас и ви велам дека Шуто Оризари мора да оди напред, да прави крупни чекори и да ги решава крупните проблеми. Времето кога на општината се гледаше како на место за богатење на неколкумина, а тие ја третираа како своја приватна фирма завршува. Бидете мудри, овој пат вие, граѓаните, одлучувате. Секој ваш глас овде се брои и е важен. Знам дека сега доаѓаат и ви нудат разноразни непринципиелни понуди, пари и поткупи. Слушам дека има и такви кои нема да жалат да го одврзат ќесето само за да добијат глас повеќе. Но овој пат постапете мудро за иднината на вашите деца. Запрашајте се: кој може да направи повеќе? Тие што ви нудат поткуп, или ние што ви нудиме работа, проекти и подобри услови за живот? Јас нема да ветувам непринципиелни работи, ниту пак да ветувам нешта што не можам да ги исполнам. Но ви ветувам работа и решавање на проблемите со кои секојдневно се соочувате. Длабоко ве почитувам и ве гледам како мои соседи, пријатели и искрени луѓе“ кажа Мицкоски.
Мицкоски освен останатите проекти потенцираше дека во план е амбуланта во Шуто Оризари.
„Амбуланта во Шуто Оризари која знам колку е потребна и заедно со поликлиниката која ќе почне да се гради во соседна општина Бутел, мислам дека со ова здравјето на жителите во Шуто Оризари ќе добие едно повисоко ниво на третман, а ние како Влада тоа ќе го направиме,“ кажа Мицкоски.






