СДСМ со предлог-резолуција: Уставни измени до февруари 2026 година за да се отвори првиот кластер во преговорите со ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција ја претстави предлог-резолуцијата со која, како што рече, се дефинираат заедничките државни и национални позиции за продолжување на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Филипче нагласи дека резолуцијата е потврдена врз основа на сите досегашни стратешки документи, договори и иницијативи на Собранието и Владата, и ја поставува рамката во која сите политички субјекти и институции ќе треба да делуваат во наредниот период.

Особен акцент во документот е ставен на временската рамка за уставните измени, кои се дефинирани како последна пречка за напредок во европската интеграција.

Временска рамка за уставни измени, според резолуцијата:

Од 15 до 25 ноември 2025 година, Владата треба да се изјасни околу поднесените амандмани за внесување на бугарската и другите етнички заедници во Уставот – дали останува на истиот текст или предлага нов.

Доколку има нов текст на амандманите, тој треба да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.

Собранието треба да ја започне постапката за измена на Уставот најдоцна до 15 декември 2025 година, кога е предвидено и првото гласање.

Финалното гласање за уставните измени треба да се одржи најдоцна до 10 февруари 2026 година, кога треба да се усвои и Уставниот закон за нивно спроведување.

Истовремено, Владата ќе испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека обврските за одблокирање на процесот се исполнети, заедно со сите подготвени документи (патокази).

Очекувања од ЕУ

Со ова писмо, Владата ќе побара Европската комисија да организира Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, на која ќе се донесат одлуки за одблокирање на преговорите и отворање на првиот кластер – „Темелни вредности“. Ова, според резолуцијата, треба да се случи не подоцна од 15 февруари 2026 година.

Заштита на националните интереси

Во документот се нагласува дека македонскиот јазик и идентитетските обележја се затворени прашања и нема да бидат предмет на преговори. Се истакнува и обврската на сите државни институции да ги почитуваат досегашните документи и договори и да продолжат со интензивна работа на реформската агенда за членство во ЕУ.

Scroll to Top