Дебатата за отворањето нови рудници во Македонија сè почесто се насочува кон технолошките решенија што денес се применуваат во рударската индустрија. Универзитетски професори и инженери оценуваат дека современото рударство функционира според стандарди кои значително се разликуваат од практиките што се применувале пред неколку децении, со значително повисоко ниво на контрола и мониторинг.
Професорот Благој Голомеов од Факултетот за природни и технички науки во Штип, гостувајќи на Канал 5 телевизија, објасни дека технолошкиот процес што е предвиден за проектот „Иловица-Штука“ се базира на методи кои одамна се применуваат во светската рударска индустрија.
„Постојат технолошки процеси кои се бенигни, кои се недеструктивни кон природата. На пример, за бакарот технолошкиот процес е многу едноставен, се користат само ксантати, пеначи и регулатори на средината, односно вар. Околу 90 проценти од тие реагенси се извлекуваат заедно со концентратот, а малото количество што останува за кратко време се разградува и станува целосно безопасно за пошироката околина“, изјави Голомеов.
На слична линија е и ставот на металуршкиот инженер Виктор Грозданов, кој во своја колумна предупреди дека во јавноста често се пласираат неточни информации за технологијата што треба да се применува во Иловица.
„Јас сум убеден дека овие личности не разбираат ниту тронка од научниот процес за добивање на метали. И кога користат зборови дека ќе се употребува цијанид, јавно кажувам дека со закон е забранета неговата употреба и тоа значи дека сите нѐ дезинформираат и шират невистини. Цијанид или цијанидни супстанци нема и не смеат да се користат во ниту еден новоотворен рудник во Македонија и тоа е затворено прашање за сите во индустријата и науката, освен за оние кои немаат други аргументи „против“, па упорно се држат до своите манипулации“, посочува Грозданов.
Претходно, и професорот и геолог Ѓорѓи Димов оцени дека современото рударство располага со технологии кои значително ги намалуваат влијанијата врз животната средина. Како пример ја посочи изградбата на бакарниот рудник „Скуриес“ во Грција, каде, според него, се применуваат најсовремени системи за контрола на емисиите и постојан мониторинг.
„Не гледам зошто не би можеле и ние да го следиме тој пример. Ако отидете да видите во „Скуриес“ веќе две години се подготвува таа нова технологија, која овозможува многу мала емисија, практично нула емисија на загадување. Сите патишта на емисиите се следат, има постојан мониторинг“, изјави Димов.
Освен технолошкиот аспект, Голомеов укажа и на економската димензија на рударството. Според него, Македонија располага со две значајни природни предности – плодното земјоделско земјиште и минералните суровини – но нивниот економски придонес се разликува.
„Рударството може да создаде значаен економски придонес без долгорочни државни субвенции како кај земјоделството. Но, минералното богатство е необновлив ресурс и мора да се користи внимателно. Приходите од него треба да бидат насочени кон развој на инфраструктурата, образованието и енергетската независност. Треба да се напомене дека 120 илјади луѓе вработени во земјоделието даваат ист економски ефект како шест илјади луѓе вработени во рударството, при што земјоделството добива околу 100 милиони евра субвенции годишно, додека во рударството не се издвојуваат дополнителни буџетски средства“, нагласи Голомеов.
Во прилог на ваквите ставови е и оценката на универзитетскиот професор Горан Начевски, кој неодамна изјави дека проектот „Иловица-Штука“, доколку се реализира со најсовремени технологии и со почитување на сите еколошки стандарди, може истовремено да придонесе за економски развој и заштита на животната средина.
Овој пристап, според експертите, покажува дека клучното прашање денес не е дали е можно да се врши експлоатација на минерални суровини, туку дали тоа ќе се прави со технологија, контрола и надзор што ги исполнуваат современите европски стандарди.
Комерцијален текст






