Трајановски од „Искуство за успех“: На местото на старата касарна во Бардовци ќе се изгради нов скопски експо центар

Кандидатот за  градоначалник на Скопје од коалицијата „Искуство за успех“, Александар Трајановски, денеска го претстави новиот проект од својата програма, изградба на современ Скопски Експо-Центар на местото на поранешната касарна во Бардовци, во општина Карпош.

„Денеска сме овде, на периферијата на Карпош и Бардовци, пред локацијата на старата касарна, простор кој е запуштен и затворен повеќе од една деценија,“ изјави Трајановски. „Во минатото, овој простор беше предлаган за сместување на бегалци и мигранти, што со право предизвика револт и протести кај граѓаните. Наместо да остане симбол на отпор, ова место треба да стане симбол на развој“, рече тој.

Според проектот, новиот Скопски Експо-Центар ќе се изгради на површина од 86.000 квадратни метри и ќе претставува ново сајмиште на главниот град, простор каде што ќе се одржуваат саеми, изложби, конференции и бизнис-настани на регионално и европско ниво.

„Локацијата е стратешки идеална, во непосредна близина на скопската обиколница, со лесен пристап од сите правци и блиску до индустриската зона Визбегово. Со тоа, Скопје добива логична и функционална целина: спој на индустриски и комерцијален центар со јасна економска визија,“ истакна Трајановски.

Додаде дека проектот предвидува во рамките на експо-комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски и забавни содржини, зелени површини и јавни простори.

„Со ваков центар, Скопје ќе стане дел од европската бизнис мапа. Ќе можеме да ги промовираме нашите производи и да привлечеме компании од регионот и од светот. Наместо запуштен простор, ќе добиеме нова економска и урбана точка што ќе му даде нов живот на градот,“ изјави Трајановски.

Scroll to Top