Шабан Салиу: Шуто Оризари повеќе нема да биде нечија приватна сцена

Кандидатот за градоначалник на Шуто Оризари од редовите на Демократските сили на Ромите (ДСР), Шабан Салиу, во видео порака до граѓаните повика на промена на политиката во оваа скопска општина и на избор на патека што носи конкретни резултати за граѓаните.

„Верувам дека нашите деца во Шуто Оризари заслужуваат повеќе. Токму затоа треба да ја направиме промената,“ порачува Салиу во видеото, нагласувајќи дека крајно време е да се напушти логиката „партија за функција“ и да се избере „патеката која води до конкретни дела“.

Во видео-обраќањето, Салиу нагласува дека довербата на граѓаните ќе ја враќа со мерливи резултати и отчетност во секој чекор.

„Не ветувам чуда, ветувам работа што се гледа и одговорност што се чувствува. По 19-ти октомври ќе зборуваат делата“, порачува Салиу.

Тој порача и дека општината мора да се врати кај граѓаните.

„Шуто Оризари повеќе нема да биде нечија приватна сцена, ќе биде ваша општина,“ упатува порака до жителите на Шуто Оризари, претседателот на ДСР и кандидат за градоначалник, д-р Шабан Салиу.

Scroll to Top