„Ќе нема бакар за енергетските постројки“ – Македонија не споделува со партнерите и покрај големите ресурси од наоѓалиштето во Иловица

„Дали критичните минерали се на најкритично ниво?“, беше темата на неодамнешната дебата на форумот „Светска финансиска трговија“, на која експерти ги потврдија стравувањата за недостиг од руди кои се клучни за електрификацијата, зелената транзиција и одбранбениот сектор. Како пример беше посочен минерал со кој Македонија изобилува, но не го искористува потенцијалот – бакарот. Недостигот во снабдување со бакар е прогнозиран на 30% до 2035 година, но проекциите покажуваат и огромен јаз во инвестициите за „нов“ бакар на светско ниво – 250 милијарди долари до 2030 година за да може да се пополни долгорочниот недостиг. Првиот човек на Секторот за критични минерали во Светскиот економски форум, Анис Насар, истакна дека еден минерал е критичен според одговорот на прашањето колку е отпорно, односно ранливо, неговото снабдување.

„Се наметнува прашањето дали од минералот ќе имаме доволни количини? Дали има јаз меѓу побарувачката и понудата? За некои од многу важните минерали, како што е бакарот, очекуваме да немаме доволно количини за да можеме да ги изградиме енергетските постројки кои ни се потребни. Ако еден минерал е важен, а воедно има мала понуда, тоа го прави критичен“, изјави Насар.

Од друга страна, Македонија поседува големи ресурси на бакар. Потенцијалот беше потврден и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, во која беше посочено државата да соработува со Европската Унија во синџирот на снабдувањето со критичните минерали. Сепак, инвестициите во рудници за бакар кај нас никако да се остварат. Сега, единствено постои интерес за отворање на рудник во „Иловица-Штука“. Во период кога бакарот достигнува цени од над 13 илјади американски долари за еден тон, државата и граѓаните можат да имаат големи придобивки. Според геолошките истражувања, кои ги објави инвеститорот „Еуромакс ресоурес“, наоѓалиштето има над 700 илјади руден концентрат, со потенцијал за извоз од над 10 илјади тони бакар на годишно ниво во период од две децении.

Останува отворено прашањето дали и со кого ќе соработува Македонија во иднина по оваа клучна тема. На глобално ниво, како што истакнува претставникот на Светскиот економски форум Насар, соработките се неизбежни.

„Државите станаа многу посвесни за нивната зависност од ресурси во период кога светот започна за ова да се натпреварува. Дали тоа води до ресурсен национализам? Не сум целосно сигурен, зашто не ми доаѓа на памет барем една земја која има стратегија за ресурси во која не се вклучени партнерски земји. Сведочиме на зголемена соработка во мултилатералниот систем, но сепак се создаваат коалиции од интерес. Гладаме дека се склопуваат повеќестрани договори, меѓу држави кои споделуваат исти мислења и решаваат да го решат проблемот заеднички. Една држава не ги затвора границите за себе, туку избира партнери за своите минерални стратегии“, оценува експертот.

Тој додава дека земјите кои имаат голема побарувачка се обидуваат да инвестираат што повеќе во земјите кои им се поблиски геополитички сојузници и ги поседуваат минералите.

„Некои земји имаат доминантна или водечка улога во синџирот на снабдување. Тие можат да ја користат својата водечка позиција во било какви економски преговори, а ова може да предизвика и трговски бариери. Другиот аспект се однесува на националниот интерес во земјите со растечка индустрија кои ги поседуваат тие минерали. Многу земји се заинтересирани, не само за ископ на минералот и извоз на рудата, туку и за преработка во рамките на нивните граници, за потоа да го извезуваат како готов производ“, нагласува Насар.

Според него, понудата за критичните минерални во моментов е слаба и бавна, зашто зависи од ископот. Односно, изградбата на рудниците одзема многу време, а исто така одзема многу време и изградба на центар за преработка. Тој истакнува дека процесот од ископ на руда до нејзина преработка, па се додека заврши во рацете на купувачот, се одвива побавно од растот на побарувачката. Насар нагласува дека поради ваквите факти и геополитичките случувања, од вкупно дваесет минерали кои детално ги следи Меѓународната агенција за енергетика, дури 11 се под одредена форма на трговски рестрикции.

ПР

Scroll to Top