Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, денес се обрати пред жителите на Житоше, изразувајќи ја својата поддршка за кандидатот за градоначалник на Долнени, Исуф Синани. Битиќи испрати пораки за единство, чесност и вистинска грижа за граѓаните, без разлика на етничка или партиска припадност.
„Ја дадовме поддршката за Исуф Синани, не затоа што е ‘наш’, туку затоа што е на страната на јавниот интерес, на чесноста. Човек што слуша пред да зборува, што гради мостови пред да бара изговори. Со него, успехот ќе се мери со решени проблеми, а не со аплаузи, со фер однос кон секое село, независно дали е големо или мало, дали во него живеат Македонци, Албанци, Турци или Бошњаци,“ порача Битиќи.
Битиќи ја нагласи важноста на основните услови за достоинствен живот, особено во руралните средини како Житоше:
„Знам дека овде се живее од земјата, од нивите, од тутунот, од трудот на семејството. Кога има вода за наводнување, пат до нивата, правичен откуп и навремена исплата, тогаш има достоинство. Тоа е мерката за квалитетен живот. И тоа е општина што не прашува ‘чиј си’, туку ‘кој ти е проблемот кој треба да го решиме?’“ потенцираше Битиќи.
Тој потсети дека социјалдемократската идеја не дели по етникум, знаме или партиска книшка, туку таа спојува околу три столба: чесност, одговорност и еднакви можности.
„Сè друго е евтин маркетинг што крие неспособност и корупција, и тоа на овие избори, во оваа општина нема да помине,“ порача Битиќи.
„Знам што значи кога дождот ќе престане, а калта ќе остане, и кога со месеци чекате прегорена улична светилка да се промени. Тоа мора да се смени. На Долнени му треба градоначалник што ќе служи на заедницата, независно од тоа кој и каков е, што ќе ја отвора општината кон секое домаќинство, што ќе ги решава проблемите, а таков градоначалник може да биде Исуф Синани,“ рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.






