Еко-активистот од Ресен, Дејан Јосифовски, година и пол сам себе си дал задача да ги собира отпадоците од местата за прошетки околу Преспанското Езеро кои не се на мапата на локалните служби за собирање отпад. Речиси и да нема жител на Преспа кој не знае за него и кој со гордост, уште на првото спомнување, не почнува со широка насмевка да ја раскажува неговата приказна.
На велосипед шета низ Преспа, многу често готви храна во природа и тоа го споделува на социјалните мрежи, а за себе вели дека сето тоа што го прави му се случило спонтано.
Талкајќи околу Преспа, секогаш кога сакал да одмори избирал место со убав поглед, а одморајќи почнал да ги забележува и да ги собира отпадоците
„Сето ова го правам од ќеф, ме релаксира, а почна сосема случајно. Јас сум активист на Здружението за заштита на животната средина ‘Еко-герила Преспа’, а работам како диспечер во транспортна компанија во Ресен. Работата ми е со седење па постојано чувствувам потреба да излезам надвор, а ми се појави и некој килограм што сметам дека ми е вишок. Тоа беа причините да излезам со велосипедот, а потоа сè дојде само по себе“, вели Јосифовски.
Талкајќи околу Преспа, секогаш кога сакал да одмори избирал место со убав поглед, а одморајќи почнал да ги забележува и да ги собира отпадоците. Прошетките биле долги па на почеток со себе земал по некој сендвич, но за кусо време му текнало дека може и да готви во природа.
„На социјалните мрежи постојано ми излегуваа видеа од готвење во природа па ми дадоа идеја и мене да снимам додека си подготвувам јадење. Така почнав да ги правам видеата. Убаво се чувствувам кога ќе видам коментар во кој ме прашуваат за локацијата дури и луѓе кои не знаеле за нашата земја и за Преспанско Езеро“, вели Јосифовски.
„Бургер со домашно лепче и поглед од милион долари“, „пастрмка на камен“, „чизбургер покрај езеро“ се само дел од неговите објави. За да може да зготви, со себе носи ранци и торби кои се полни храна кога излегува од дома, а кога се враќа назад вели дека му служат за да го симне во градот ѓубрето што другите го забораваат.
„На местата на кои што одам нема депонии како во градот, но има остатоци кои покажуваат дека некој бил таму. Наоѓам хартии, опаковки од чоколади, од смоки, картони и други ситнурии што некој ги оставил таму. Ги собирам и не ми е тешко да ги ставам во ранецот па да ги фрлам во канта. Сметам дека секој треба со личен пример да придонесе за почиста Преспа, а кој би почнал ако не еко-активистите“, објаснува Јосифовски.
Сметам дека секој треба со личен пример да придонесе за почиста Преспа, вели еко-активистот Јосифовски
Минатата година кога во Преспа почна да се реализира кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ што ја спроведува Институтот за комуниколошки студии во соработка со „Еко-герила Преспа“ и Македонското еколошко друштво со поддршка од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа, Јосифовски, како еко-активист свесен дека сите го фрлаат ѓубрето онаму каде што им е најблиску – во природата, ги повика ресенци да се освестат и сите заедно да го поправат однесувањето оти само со сопствени примери може да се подобри животната средина. Тој се пофали дека друштвото за прошетки и собирање отпад му се зголемило, а на чистење работеа и градските служби.
Директорот на Јавното комунално претпријатие „Пролетер“ – Ресен, Марчел Константино – Русу, пред две недели кажа дека исчистиле шест од планираните девет диви депонии во градот и најави дека до крајот на годината Ресен ќе биде целосно исчистен. Чистењето на депониите преку програмата „ЕУ за Преспа“ ќе продолжи до крајот на следната година кога треба да биде ставена во функција и компостарата за биолошки отпад, а во меѓувреме ќе продолжат проектите за селекција на пластика, текстил и стакло со кои ресенци очекуваат значително да се смени сликата за Преспа во која лани беа регистрирани дури 38 диви депонии.
Фото: Т. Георгиев

Со оваа содржина, „Макфакс“ ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.






