Голем број битолчани го искористија бесплатниот скрининг за Хепатитис и болести на црниот дроб

По повод Светскиот ден за борба против хепатитис, во Битола се реализираше бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ, како и еластографија, спроведени со мобилната медицинска единица од Скопје. Настанот беше дел од националната кампања, организиран во партнерство со: Хепар Центар Битола, Министерството за здравство, Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за инфективни болести – Скопје, Официјалната комисија за хепатоцелуларен карцином, Општина Битола, Центарот за јавно здравје – Битола и Клиничката болница Битола. Граѓаните покажаа исклучителен интерес за скринингот, кој поради зголемената посетеност продолжи еден час подолго од планираното – сè до 13:15 часот – со цел да им се овозможи на сите заинтересирани да се тестираат. Особено значајна беше поддршката од страна на градоначалникот Тони Коњановски, кој лично ја посети мобилната единица и ја поздрави оваа важна здравствена иницијатива. Националната кампања за бесплатен и анонимен скрининг за навремено детектирање на болести на црн дроб се реализира во 10 градови во државата. Целта е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.

Scroll to Top