Лабудовиќ: Центар мора да биде чист – во првите 100 дена ќе ја вратиме хигиената, редот и достоинството на општината

Центар е срцето на Скопје, но за жал, денес изгледа како напуштен агол на градот. Преполни контејнери, расфрлан смет, прашина и непријатна миризба станаа секојдневие за жителите. Општината која некогаш беше симбол на урбана култура и маалски дух, сега е претворена во слика на запуштеност и хаос, изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ,.

Тој денеска јавно се обврза дека токму чистотата и хигиената ќе бидат неговиот прв приоритет.

„Оваа грда слика зад мене е секојдневие за центарци. Преполни и валкани контејнери, расфрлан смет, отпад и прашина насекаде. Непријатната миризба стана симбол на Центар. За жал. Јас се обврзувам дека во првите 100 дена од мандатот ќе го исчистам Центар. Ќе ги измиеме сите улици и тротоари и ќе ја отстраниме непријатната миризба. Ќе ги исчистиме сите паркови, детски игралишта, зелени површини. Сакам центарци да се одморат и да се релаксираат во чиста средина. Нема да ги заобиколиме ниту мини дивите депонии што се честа слика во нашата општина. Ќе ги исчистиме сите заборавени ќошиња и простори. Центар мора да биде чист“, рече Лабудовиќ.

Тој најави системски пристап за решавање на проблемот, преку: темелно чистење на целата општина во првите 100 дена, редовно миење на улиците и тротоарите, чистење и одржување на парковите и детските игралишта, елиминација на дивите депонии и заборавените ќошиња, зголемување на капацитетите за собирање и управување со отпад и воведување на современи методи за комунално работење и контрола.

Scroll to Top