Македонија треба стратешки да ги валоризира своите минерални ресурси, но тоа да го прави исклучиво преку одржливо рударство, современи технологии и силен институционален надзор. Ова го порача претседателката на Македонското геолошко друштво и универзитетска професорка Соња Лепиткова, која смета дека државата располага со значајни природни потенцијали што не смеат да останат неискористени.
Во гостување на Канал 5 ТВ, таа истакна дека е потребен јасен пристап во управувањето со минералните ресурси, преку нивно категоризирање и планирање на идниот развој.
„Македонија треба да направи листа на целосно истражени потенцијални наоѓалишта, на делумно истражени и на тие коишто се потенцијални во фаза на понатамошно истражување и така да ја движи политиката. Тие коишто се целосно истражени, со потврдени резерви, не само на руда туку и на метали кои можат да се издвојат и да имаат економска вредност која е огромна за државата – еден од тие рудници е и рудникот во Иловица“, истакна Лепиткова.
Професорката нагласи дека стручната јавност нема отпор кон современото рударство, сè додека проектите ги исполнуваат највисоките еколошки и технички стандарди. Според неа, експертите континуирано ги следат новите технологии и инсистираат тие да бидат составен дел од секој нов рударски проект, заедно со сите законски процедури, студии и елаборати за оцена на влијанието врз животната средина.
„Стручната јавност нема отпор за ова и гледате дека немаме ниту еден експерт, којшто е од било која техничка струка, па и економска струка, да каже „ова не смее да се случува, апсолутно се треба да се затвори“, бидејќи ние имаме историјат во оваа област. Ние како Македонија, во историјата сме познати како рударска нација, односно како рударски простор“, истакна Лепиткова.
Таа смета дека јавноста има право да поставува прашања и да бара гаранции, но одлуките треба да се носат врз основа на научни аргументи и стручни анализи.
„Кај граѓаните стравот е нешто што треба да се објасни и да се работи заедно со нив. Секој рудник е приказна за себе и секое подрачје има своја специфика. Стручната јавност е таа на којашто треба да и се верува и таа треба на ист начин да пристапи во аспектот на отворање на еден рудник – да се запазат максимално еколошките стандарди, да се управува вистински со отпадот, со отпадните води, да се применат најсовремените технологии и државата да прави континуиран мониторинг“, појасни професорката.
Осврнувајќи се на состојбите во Европа, Лепиткова истакна дека земјите од регионот и Европската Унија значително ги засилуваат инвестициите во истражување и отворање нови рудници поради растечката побарувачка за критични минерали.
„Земјите од регионот забрзано се движат и во истражувањата во Европа и во отворањето на рудници. Полска инвестира неколку милијарди во истражувања. Тоа го прави и Србија максимално. Грција отвори два рудника, сега е во фаза на припрема за отворање на трет, коишто се наоѓаат многу блиску до самото море. Бугарија исто така се спрема за нови рудници. Шпанија веќе отвора рудници на многу почувствителни минерални содржини од нашите – бакар, злато и сребро, туку отвора рудници на ниобиум и на тантал, кои се исклучително применливи метали во електрониката. Македонија не треба да заостанува. Ние треба да тргнеме да бидеме малку похрабри како држава, да веруваме на институциите, да веруваме на експертите и меѓусебно да се почитуваме“, потенцира професорката.
Лепиткова заклучи дека европската политика во последните години значително се променила и дека критичните минерали стануваат сè поважен дел од економската и индустриската стратегија на континентот. Според неа, токму затоа Македонија треба навреме да ги искористи сопствените потенцијали, но со максимална заштита на животната средина и целосна контрола од страна на институциите.
ПР






