Лукровски најави решавање на сообраќајниот хаос со 600 нови паркинг места во Карпош

Кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, најави решавање на сообраќајниот хаос со 600 нови паркинг места во Карпош.

„Недостигот на паркинг-места во Карпош одамна не е само технички проблем, туку секојдневен извор на нервоза, губење време и нарушен јавен ред. Сцените се повторуваат секоја вечер, возачи кои кружат во маалата по 15 минути барајќи место, автомобили поставени на тротоари и пешаци кои се принудени да чекорат по коловозите, изложени на опасност. Карпош, кој треба да биде пример за уреден и современ урбан кварт, денес функционира како импровизирано паркиралиштe. Токму затоа, во нашата програма предвидуваме воведување на системско, долгорочно и зелено решение. Ќе започнеме со изградба на монтажни катни гаражи опремени со соларни панели, со вкупен капацитет од 600 нови паркинг-места. Овие гаражи нема да бидат уште еден бетонско блок решение, туку модерни, функционални конструкции кои ќе произведуваат чиста енергија и истовремено ќе ослободат вреден јавен простор што денес е окупиран од хаотично паркирање. Ќе бидат распоредени рамномерно низ општината, така што ниеден дел од Карпош нема да остане запоставен“, рече Лукровски.

Тој додаде дека во Карпош 2 и 4 ќе се создадат по 120 нови паркинг позиции, кај Млечен – 90, во Карпош 3 – 110, во Влае – 70, и дополнителни над 100 нови места ќе бидат поставени во Козле, во близина на основното училиште „Владо Тасевски“, каде што родителите секојдневно се соочуваат со вистински сообраќаен хаос при носење и земање на децата од настава.

Scroll to Top