Над 40 пожари за еден ден, 16 сè уште не се изгаснати

Во текот на денешниот ден во земјава се регистрирани 46 пожари на отворен простор, од кои 16 сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 29 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Најголем дел од активните пожари се на ниска вегетација, но огнот зафатил и шуми, пасишта и стрништа.

Активни пожари има во општините Врапчиште, Битола, Прилеп, Гевгелија, Дебар, Тетово, Чашка, Липково, Куманово, Студеничани, Сарај и Долнени.

Во Врапчиште гори ниска вегетација во селото Топлица, додека кај Меџитлија во Битола гори стрниште. Во Прилеп се активни два пожари – кај Центарот за податоци и над вештачкото езеро.

Во Гевгелија пожарот е во мешана шума кај селото Миравци.

Во Дебар активен е пожарот од селото Татар Елевци кон Кораб, како и пожарот кај селото Бањште, каде што гори смрека, папрат и трнливи грмушки.

Активен е и пожарот над Боговинско Езеро на Шар Планина, каде што гори пасиште.

Во општина Чашка пожарот е кај селото Јаболчиште, во близина на местото „Биков Гроб“. Во Липково има два активни пожари во борова шума, кај селата Матејче и Стрима.

Пожари има и на повеќе локации во Куманово, како и во Студеничани, Сарај и Долнени.

Пожарот во селото Џепиште, општина Центар Жупа, е ставен под контрола. Таму гореле сува трева и нискостеблеста шума.

Во текот на денот се изгаснати 29 пожари на отворен простор, меѓу кои и во Штип, Кочани, Виница, Валандово, Дебарца, Дебар, Струга, Кичево, Брвеница, Желино, Врапчиште, Гостивар, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Аеродром и Зелениково.

Според ЦУК, состојбата со пожарите се следи, а надлежните екипи продолжуваат со интервенциите на терен.

Scroll to Top