Пет членки на ЕУ предлагаат постепена интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар

Пет членки на Европската Унија предложија „активна и систематска“ постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во главните сектори на единствениот пазар на ЕУ пред полноправно членство, врз основа на резултатите од усогласувањето со европското законодавство и владеењето на правото, тврдејќи дека таков пристап би го одржал моментумот на проширување, би ги забрзал реформите и би го спречил влијанието на трети земји.

Во нон-пејперот потпишан од Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија, се наведува дека постепената интеграција по сектори, „како среден чекор кон целосна европска интеграција“, треба да се спроведува активно и систематски „кога кандидатот ќе покаже високо ниво на усогласеност со законодавството на ЕУ во соодветниот сектор и силна и веродостојна примена на владеењето на правото“, пишуваат агенциите во регионот.

Се додава дека таков пристап треба да вклучува заштитни мерки во случај на застој за земјата што ќе добие пристап до пазарот на ЕУ.

Укажувајќи на заморот од реформите кај кандидатите и потенцијалните кандидати за членство, документот оценува дека постепената интеграција во последните години се покажа како корисен инструмент во оваа смисла, но дека процесот беше бавен и сложен.

„За да се одржи моментумот на проширување и да се унапреди европската интеграција, потребни се силни и привлечни стимулации што ќе ги мотивираат и граѓаните и политичките лидери во кандидатите да спроведат неповратни реформи. Пристапот до единствениот европски пазар врз основа на заслуги, доколку е потребно чекор по чекор, претставува таков стимул, забрзувајќи ја економската интеграција и регулаторната конвергенција, а воедно зачувувајќи ја долгорочната перспектива за полноправно членство во ЕУ“, се наведува во документот објавен од „table.media“, пренесува Н1.

Во рамките на четирите слободи на внатрешниот пазар, „системската секторска интеграција“ на кандидатите во единствениот пазар на ЕУ би можела да вклучува области како што се целосното спроведување на зелените коридори, забрзаната интеграција во пазарите на енергија и електрична енергија и интеграцијата во единствениот дигитален пазар.

Исто така, се споменуваат секторите за транспорт и логистика, интеграција во стратегиите на ЕУ за конкурентност и индустрија, политиките на ЕУ за критични суровини, спроведувањето на договорите за проценка на сообразноста и прифаќање на индустриски производи (ACAA), проширувањето на пристапот до статусот на овластени економски субјекти (AEO) за кандидатите, како и овозможувањето на мобилноста на младите.

„Овој пристап би го проширил и зајакнал единствениот пазар, придонесувајќи за геоекономската важност и стратешката автономија на ЕУ, а воедно би ги зближил кандидатите и би помогнал во спротивставувањето на влијанието на трети земји“, според документот презентиран од австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајцингер на состанокот на министрите за надворешни работи на Пријателите на Западен Балкан и Шестката од Западен Балкан во Братислава минатата недела.

Во документот се повикува Европската комисија да презентира предлози за специфична секторска интеграција во единствениот европски пазар, вклучувајќи јасни процедури за проценка дали кандидатот постигнал високо ниво на подготвеност во релевантните поглавја, како и заштитни мерки во случај на поголеми одложувања.

Потписниците на нон-пејперот изјавија дека постепената интеграција треба да се промовира во сите други области на политиката на ЕУ, особено во заедничката надворешна и безбедносна политика, како и постепеното институционално воведување.

На настан во Братислава, шефот на австриската дипломатија рече дека целта треба да остане целосна интеграција во ЕУ, но дека треба да се создаде систем за стимулации што ќе ги наградува реформите, ќе ги зајакнува реформските напори и ќе ја подобрува европската перспектива во земјите-кандидатки, објави „table.media“.

Мајнл-Рајцингер рече дека проширувањето е најважниот стратешки инструмент на ЕУ и дека како такво треба да се спроведува во фази и со примена на принципот на квалификувано мнозинство при одлучувањето за средните чекори.

Scroll to Top