„Сувото одлагалиште“ станува нов светски стандард – технологијата е предвидена и за проектот Иловица

Современото рударство сè повеќе се потпира на технологии кои го намалуваат влијанието врз животната средина. Меѓу нив, „сувото одлагалиште“ се издвојува како едно од најзначајните решенија за побезбедно управување со рударскиот отпад, поради што добива поддршка од научната и стручната јавност ширум светот.

Во анализата „Modern Sustainability in Mining: An Integrated Framework for Technological Innovation“, објавена во научното списание „ScienceDirect“, се нагласува дека глобалниот индустриски стандард за управување со јаловина, воведен во 2020 година, поставува значително построги правила за безбедност и заштита на животната средина. Токму затоа, сè повеќе рударски компании се насочуваат кон технологијата на суво одлагање.

За разлика од традиционалните влажни јаловишта, каде отпадот се складира во форма на течна маса составена од вода и ситни честички, кај сувото одлагалиште најголемиот дел од водата претходно се издвојува. Така се добива цврст материјал со структура слична на влажен песок или земја, кој може побезбедно да се транспортира и одлага.

Овој пристап е најавен и за проектот за бакар во Иловица. Инвеститорот „Еуромакс Ресоурцес“ уште на крајот на 2023 година го информираше Министерството за животна средина дека планира примена на технологија за одлагање јаловина со значително поголема содржина на цврсти материи.

„Нашиот проект предвидува одлагалиште на јаловина со поголема густина, со околу 65 проценти цврсти материи, што претставува подобрување во однос на традиционалните системи. Дополнително, современата технологија за суво одлагање, со околу 90 проценти цврсти материи и само 10 проценти вода, претставува побезбедно и поефикасно решение кое денес е применливо и кај големи рударски проекти како Иловица-Штука“, наведува компанијата во писмото.

Од компанијата посочуваат дека примената на оваа технологија може дополнително да го подобри проектот преку намалување на влијанието врз животната средина. Меѓу очекуваните придобивки ги издвојуваат намалената потрошувачка и загуба на вода, помалата површина потребна за одлагалиштето, како и подобри услови за постепена рекултивација и обновување на просторот.

Научната анализа во „ScienceDirect“ укажува дека рударската индустрија се наоѓа во период на интензивна трансформација. Од една страна расте побарувачката за критични минерали неопходни за зелената транзиција, а од друга страна се зголемуваат барањата за повисоки еколошки стандарди.

Експертите наведуваат дека сувото одлагање на јаловината, подобреното сортирање на рудата и повторната обработка на постојната јаловина се меѓу најважните технолошки решенија за намалување на ризиците и влијанието врз животната средина. Воедно, преработката на стара јаловина овозможува дополнително искористување на минералите и намалување на количината на отпад.

Според авторите на анализата, светот се соочува со нагло зголемена побарувачка за бакар, литиум, кобалт, никел и други критични минерали што се неопходни за обновливите извори на енергија, батериите и електрификацијата. Поради тоа, предизвикот повеќе не е само да се обезбедат доволни количини минерали, туку тие да се произведуваат со технологии кои обезбедуваат повисоко ниво на заштита на животната средина.

Експертите проценуваат дека до 2040 година глобалната побарувачка за овие минерали би можела да се зголеми повеќекратно, што дополнително ќе ја нагласи потребата од примена на современи и одржливи рударски технологии, каква што е и технологијата на „суво одлагалиште“

ПР

Scroll to Top