Тренчевски: Граѓаните ја препознаваат искреноста на Левица

На претпоследниот ден од кампањата, на народниот собир во Гази Баба, на кој присуствуваше и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, како и кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ и носителката на листа за советници на Скопје, Катерина Јовановска беа упатени пораки до граѓаните дека и покрај сите притисоци и блокади од власта Левица успева да допре до народот.

„И покрај сите блокади кои се наметнуваат на Левица, од страна на режимот на власт, ние сепак успеавме да допреме до граѓаните преку непосреден контакт со нив и преку социјалните мрежи“, истакна Златко Тренчевски, кандидат за градоначалник на Општина Гази Баба.

Тој додаде дека владејачките партии „ги контролираат медиумите, потрошија милиони на ПР агенции и скапи кампањи, не задолжија со пари со кои сега се фалат дека нешто градат“, но сето тоа, според него, е залудно кога „една партија ќе остане без идеологија и мора да купува гласови“.

„Ние покажавме дека и со малку пари, но со многу креативност и имагинација, може да се шири приказна во која има смисла и надеж, дека иднина има и во Македонија, само ако се сменат оние кои ги создадоа сите проблеми изминативе години“, нагласи Тренчевски.

Во своето обраќање ја презентираше и програмата за Гази Баба нагласувајќи дека ги опфаќа сите сегменти за урбано живеење, од централните урбани зони до руралните средини. За капиталните проекти што ги предлага Левица рече дека се дел од суштинските потреби на жителите и гаранција за рамномерен развој на општината.

„Не ветувам брда и долини, но сѐ што е наведено е реално остварливо за еден мандат, а ќе биде многу повеќе од тоа што е досега направено“, истакна тој.

Тренчевски посебно се осврна на потребата од демократизација на општината која, како што рече, ќе биде клучниот принцип во неговото работење.

„Граѓаните ќе имаат целосен увид во работењето на службите. Ќе воведеме редовни месечни средби, двосменско работење на шалтерите, активна телефонска линија за пријава на проблеми, а финансиското работење на општината ќе биде јавно достапно на веб-страницата“, појасни Тренчевски.

Говорејќи за екологијата и животната средина Тренчевски беше дециден дека таму нема компромиси. „Ќе се превземат сите потребни чекори за справување со депониите и загадувачите. Еден здрав и квалитетен живот зависи од здрава животна средина“, рече тој.

Меѓу најважните мерки го издвои мораториумот за продажба на државно земјиште за изградба на станбени комплекси, а се осврна и на развојот на културата и поддршката на младите и спортот.

На крајот од своето обраќање Тренчевски изрази уверување дека граѓаните ја препознаваат искреноста и непосредноста на Левица: „Јас сум сигурен дека граѓаните ќе ни ја дадат довербата. Време е за нов пристап, нова енергија и вистински промени во Гази Баба“.

Scroll to Top