Бошкоски: Прилеп ослободен од политички калкулации, ефикасен и со јасна ориентација

Кандидатот за градоначалник на Прилеп од коалицијата „Искуство за успех“, Жарко Бошкоски е роден во истиот град, дипломиран економист и поголемиот дел од неговото професионално искуство е во финансискиот сектор, поточно во индустријата за осигурување. Никогаш не бил дел од јавната администрација и токму тоа го гледа како предност – пристапот без политички калкулации и со јасна ориентација кон ефикасност.

Тој вели дека неговата главна мотивајција да се кандидира за градоначалник на Прилеп е желбата градот да стане лидер во примената на вештачката интелигенција во локалното управување – не како футуристичка идеја, туку како реален сервис кој ќе им го олесни секојдневието на граѓаните и ќе ја направи општината вистински модерен, дигитален град.

„Сведоци сме секојдневно на залетот на вештачката интелигенција и во колку сѐ области можеме да ја искористиме. Наместо да се плашиме од технологијата, треба да ѝ најдеме употребна вредност и да ја ставиме да работи во корист на нашите граѓани и заедницата. Со тоа значително ќе се подобрат услугите и сервисите кои ги нуди локалната самоуправа. И ве уверувам дека Прилеп ќе биде само почеток и дека на крај, сите општини во државата ќе користат повеќе технологија во своите секојдневни обрврски“.

Според Бошкоски, три проекти се приоритетни доколку стане градоначалник и прилепчани му ја дадат довербата.

„Како што споменав, првиот и најзначаен проект е воведувањето на револуционерен систем за работа кој ќе користи вештачка интелигенција за целосна транспарентност во општинските активности. Со воведувањето на АИ советник секој граѓанин ќе има пристап до сите општински информации во реално време, што ќе биде голем удар за корупцијата и ќе придонесе кон целосна отвореност на институциите“.

Вториот проект е „Возачка за млади“ – иницијатива преку која општината ќе ја субвенционира обуката за возачка дозвола за сите млади лица над 18 години. Со оваа мерка ќе им помогнеме на нашите помлади сограѓани полесно да се вклучат во пазарот на труд и да станат понезависни во носењето на своите одлуки. Лично сметам дека тоа е и една од обврските на локалната самоуправа, да им помага на младите и да ја гради локалната заедница преку воведување на корисни мерки и проекти.

Третиот проект е создавање на атлетска патека со справи за рекреација покрај кејот на градската река, простор кој ќе биде наменет за спорт, дружење и здрав живот. Прилепчани секојдневно го пешачат овој дел од градот и тој е во лоша состојба. Доколку дојдам на градоначалничката позиција имам план како да го сервисираме и ревитализираме кејот, кој наместо срам, треба да го краси градот.

Тој вели дека Општината пропуштила многу работи во изминатите години, но најмногу она да стане вистински сервис на граѓаните.

„Наместо брза и ефикасна администрација, луѓето чекаат со месеци за да извадат најобични документи. Луѓето чекаат со денови за нешто што би требало да биде готово за не повеќе од 1 час. Тоа мора да се промени. Општината треба да работи за граѓаните, а не обратно“.

„Транспарентноста во работењето не се обезбедува со желби и празни изјави, туку со вистински алатки. Затоа ја развиваме платформата „Службеник со АИ“ – дигитален систем „нахранет“ со сите верификувани документи: детални урбанистички планови, закон за јавни набавки, закон за градба, одлуки на Советот и други регулативи. На овој начин, граѓаните во секое време ќе можат да проверат како и каде се трошат нивните пари и ќе бидат активно вклучени во работата на општината. Уморни сме веќе од слушање како овие или оние ќе ја зголемеле довербата во институциите. За да се зголеми довербата треба работа, вистинска посветеност и отвореност кон граѓаните и нивните потреби“, вели тој во однос на неговата замисла за транспарентно работење и вклученост на граѓаните во носењето на одлуки на локално ниво.

Бошкоски вели дека нуди нешто ново, модерно и револуционерно, и затоа е вистинскиот избори за граѓаните на Прилеп.

„Вештачката интелигенција е иднината, а Прилеп може и треба да биде првиот град кој ќе ја искористи за подобар и потранспарентен живот на своите жители. Тука сум роден, тука сум пораснал, се познавам со многу прилепчани, знам што нѐ мачи сите и имам решенија за проблемите. Со посветена работа и отворена општина за сите граѓани ќе ја зголемиме довербата во институцијата, ќе привлечеме инвестиции и ќе го поттикнеме економскиот развој во Прилеп“.

Scroll to Top