Вечерва е подметнат пожар во депонијата близу Арачиново покрај стариот пат кон Куманово, информира Дирекцијата за заштита и спасување.
Од таму велат дека оваа депонија има ограда и влезна врата. Скопските пожарникари ја затекнале вратата на депонијата отворена, во депонијата имало фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој горел со силен пламен но и други горливи производи.
Најверојатно намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата.
Поради насоката на струењето на воздухот смрдеата од пожарот во оваа депонија најверојатно се чувствува во делови од Скопје.
Од ДЗС велат дека гаснењето ќе биде сложено бидејки обемот на зафатената површина е голем што го компликува гаснењето со вода или пена. Затоа се прави проценка на неопходноста од затрупување и на оваа депонија која е под надлежност на Општина Арачиново.