Глобалната трка за критичните минерали станува едно од најважните економски и геостратешки прашања за Европската Унија. Во услови на трговски тензии, ограничувања на извозот и растечка побарувачка за бакар, Европа бара начини да го зголеми сопственото производство и да ја намали зависноста од увоз.
Токму затоа, претседателот на Euromines, Јан Мострјом, предупредува дека Европа мора да создаде поотпорен синџир на снабдување со критични минерали, бидејќи во спротивно ќе остане изложена на сериозни економски и безбедносни ризици.
„Ако немаме пристап до критичните суровини или останеме зависни какви што сме денес, тоа ќе биде голем проблем.“
Бакарот, кој е една од клучните суровини за електрификацијата, обновливите извори на енергија и автомобилската индустрија, се наоѓа на листата на критични минерали на Европската Унија. Во последните години неговата вредност континуирано расте, а европските институции активно работат на создавање услови за нови рударски инвестиции.
Во Македонија, пак, ситуацијата е поинаква. Иако земјата располага со значајни резерви на бакар, најголемиот проект во секторот – „Иловица – Штука“, вреден околу 350 милиони евра, со години останува во застој. Во меѓувреме, државата не ги користи економските можности што ги отвора растечката светска побарувачка за критични минерали.
Од иницијативата „И здравје и работа“, која го поддржува проектот, сметаат дека Македонија не смее да ја пропушти шансата за нов инвестициски циклус.
„Македонија има обврска да создава нови работни места, да отвора нови производствени капацитети и да ги користи сопствените природни ресурси на одговорен и законски начин. Во спротивно, ќе продолжиме да го гледаме истиот тренд – помалку работни места, помалку инвестиции, послаб економски раст и сè поголемо иселување на младите луѓе. Особено загрижува што во јавноста сè почесто најгласни се оние кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за сè – од рударство и геологија, преку економија, па сè до право и меѓународни судски постапки. Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања,“ велат од иницијативата.
Мострјом оценува дека Европа нема реална можност целосно да ја елиминира зависноста од увоз на минерали, но може значително да ја намали преку развој на сопствени рударски капацитети.
„Европа не може да биде целосно независна во однос на металите и минералите, но е важно да имаме одржлив и отпорен синџир на снабдување, кој е во основата на зелената транзиција. Тоа е пред сè поврзано со електроснабдувањето. Гледаме трговски војни и ограничувања за извоз на овие суровини, па затоа би кажал дека е исклучително важно да имаме одговорна рударска индустрија во Европа, како и отпорен синџир на снабдување, барем за дел од овие суровини,“ оценува Мостројм.
Тој предупредува дека зависноста од неколку глобални добавувачи може да има сериозни последици не само за економијата, туку и за европската индустрија и безбедност.
„Многу е опасно. Првото нешто што го гледаме во моментов како резултат на разговорите помеѓу САД и Кина е воведување на ограничувања за извоз на овие суровини, што има влијание врз
производителите во Европа. Тоа е опасно и од гледна точка на зависноста… Последиците можат да бидат огромни, како од финансиска и економска гледна точка, така и од гледна точка на одбраната… Затоа, темата е исклучително важна,“ вели Мојстројм.
Претседателот на Euromines смета дека решението не е во намалување на еколошките стандарди, туку во побрзи административни процедури, поголеми инвестиции во геолошки истражувања и создавање стабилна регулаторна рамка што ќе овозможи развој на одговорно рударство во Европа. Во таков контекст, проектите како „Иловица – Штука“ се вклопуваат во пошироката европска стратегија за обезбедување сигурни извори на критични минерали.
ПР






