ЕУ предупредува дека заостанува во трката за критични минерали, Македонија има потенцијал со бакарот во Иловица

Европската Унија ризикува дополнително да заостане зад САД и Кина во обезбедувањето критични минерали, неопходни за одбранбената индустрија, зелените технологии и стратешките индустриски сектори, оценува „Фајненшел тајмс“. Во услови на засилена глобална конкуренција за минералните суровини, домашни експерти подолг период укажуваат дека и Македонија треба навремено да го искористи својот геолошки потенцијал, особено резервите на бакар.

Меѓу потврдените наоѓалишта на бакар во земјата е и Иловица, која во моментов претставува единствена активна инвестиција најавена за експлоатација на критичен минерал. Според податоците наведени во текстот, проектот има потенцијал за производство од до 16 илјади тони бакар годишно во период подолг од две децении.

Потребата од стратешки пристап кон минералните ресурси е нотирана и во Стратегијата за минерални суровини 2026–2046, изработена од МАНУ. Во неа се посочува дека растечката глобална побарувачка за минерали е поврзана со дигитализацијата, електрификацијата на транспортот, развојот на обновливите извори на енергија, воените технологии, телекомуникациите и градежништвото.

„Имајќи ја предвид континуираната висока побарувачка за метали и минерали, Република Северна Македонија треба добро да се организира и да се постави за да може соодветно да одговори на идните зголемувања на потреби за снабдување со суровини“, се наведува во Стратегијата.

Во документот се оценува и дека земјата треба да се промовира како лидер во регионот во областа на рударството и истражувањето на минералите, со развој на партнерства меѓу компаниите, универзитетите и истражувачките институции.

Во меѓувреме, САД преземаат значителни чекори за обезбедување пристап до стратешки метали. Според „Фајненшел тајмс“, Вашингтон од 2022 година има најавено околу 40 милијарди долари привремено финансирање за минерални проекти, како и преземање удели во домашни рударски компании и активности за обезбедување пристап до рударски проекти во други земји.

Европската Унија, пак, во последните 18 месеци избра десетици стратешки проекти за забрзани процедури, додека ЕУ и земјите-членки годинава издвоија околу 6 милијарди евра за минерални проекти. Сепак, претставници на европската индустрија предупредуваат дека реализацијата се одвива побавно отколку што е потребно.

„Навистина им се восхитувам на Американците затоа што тие земаат идеја и ја спроведуваат, додека ние Европејците се двоумиме, претеруваме со администрирање, зборуваме и губиме време“, изјави Бернд Шефер, извршен директор на EIT RawMaterials.

Од европска страна дополнително се разгледуваат можности за соработка со партнери како Канада и Јапонија, додека европските ревизори претходно предупредија дека голем дел од избраните стратешки проекти можеби нема да бидат реализирани навреме за да придонесат кон целите на ЕУ за 2030 година.

Во таков меѓународен контекст, домашниот ресурсен потенцијал добива дополнително стратешко значење. За Македонија, тоа отвора прашање дали и како ќе се позиционира во новите европски и глобални синџири на снабдување со критични минерали, особено преку веќе потврдените наоѓалишта и проектите што можат да преминат од истражување кон реализација.

ПР

Scroll to Top