По завршувањето на истрагата за случајот „Мазут“, останува едно логично прашање, доколку речиси целата количина мазут што била предмет на истрагата потекнувала од ОКТА, зошто компанијата не беше опфатена со постапката?
Одговорот може да се најде во фактите што произлегуваат од самата истрага, но и од официјалниот став на компанијата. Имено, мазутот кој бил испорачуван бил предмет на редовни контроли на квалитетот во акредитирана лабораторија и ги исполнувал сите параметри пропишани со македонската регулатива.
Во одговор доставен до медиумите, од ОКТА посочуваат дека компанијата во целост ги почитува законските прописи и дека сите производи што ги пласира на пазарот подлежат на строги контроли на квалитетот.
„ОКТА останува посветена на работење во целосна согласност со важечката законска и регулаторна рамка. Сите производи што ги пласираме на пазарот подлежат на строги процедури за контрола на квалитетот, кои се спроведуваат во нашата акредитирана лабораторија, во согласност со важечката регулатива и меѓународно признатите стандарди“, наведуваат од компанијата.
Дополнително, од ОКТА потврдуваат дека во текот на постапката соработувале со надлежните институции и остануваат подготвени за понатамошна соработка доколку тоа биде побарано.
Факт е дека во Република Северна Македонија постои строго регулиран систем за контрола на течните горива. Согласно Правилникот за квалитет на течни горива, мазутот подлежи на контрола на повеќе параметри, меѓу кои содржина на сулфур, вода, пепел, седименти, вискозитет, калориска вредност и други физичко-хемиски карактеристики. Контролите ги спроведуваат надлежните институции, вклучително и Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Регулаторната комисија за енергетика.
Во случајот „Мазут“ не е утврдено надминување на законски пропишаните гранични вредности за квалитет на горивото.
Истовремено, официјалните извештаи за работата на ТЕЦ Неготино не покажуваат загадување на воздухот во периодот кој беше предмет на истрагата. И покрај бројните јавни обвинувања за наводно загадување, редовните мерења не констатирале отстапувања што би упатувале на такви последици.
Ниту економскиот аспект на случајот не потврди постоење на штета. АД ЕСМ во текот на постапката не пријави финансиска штета, што беше посочено и од повеќе правни експерти во јавноста како значаен елемент при оценката на целиот предмет.
Дополнително, треба да се има предвид контекстот во кој работеше ТЕЦ Неготино. Во услови на најголемата енергетска криза во Европа во последните децении, обезбедувањето мазут и производство на електрична енергија претставуваше стратешка потреба за државата. Според достапните податоци, доколку ТЕЦ Неготино не работеше во критичниот период од 2022 и 2023 година, државата ќе беше принудена да набавува значително поскапа електрична енергија на меѓународните пазари.
Оттука, фактите што произлегуваат од истрагата, институционалните контроли и официјалните извештаи упатуваат на заклучок дека не се утврдени докази за неквалитетен мазут, загадување на животната средина или економска штета, поради што постапката беше запрена поради недостаток на докази.
Комерцијален текст






