Максим Димитриевски: Мириса на победа уште во првиот круг

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на голема промотивна конвенција во Куманово ги претстави кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и советничката листа предводена од Ивана Ѓорѓиевска. Присуството на голем број граѓани ја потврди силната поддршка која Кумановци му ја даваат на актуелниот градоначалник.

Во своето обраќање, Димитриевски потсети на сработеното во изминатите осум години, набројувајќи дел од над 800 реализирани проекти за подобрување на квалитетот на живот во Куманово. „Нашата работа и нашите принципи – чесност, искреност, посветеност и отчетност, секогаш носат резултати. Проектите не се прават само пред избори, туку постојано, секој ден. Тоа е разликата и затоа граѓаните нѝ веруваат,“ истакна Димитриевски.

Тој порача дека најголемата награда е токму довербата од граѓаните, а таа е потврда дека Куманово сака континуитет, стабилност и развој. „ЗНАМ знае, Куманово знае, и сите во Македонија знаат што ќе се случи на 19 октомври. Мириса на победа! И тоа убедлива победа уште во првиот круг“, рече Димитриевски.

Тој најави дека и за следниот мандат е подготвена квалитетна програма за која вечерта пред граѓаните јавно се обврза дека ќе ја исполни од прв до последен збор, или како што рече тој од А до Ш. Програмата на Движењето ЗНАМ содржи стотици проекти од сите области, чија реализација во наредните четири години ќе донесе уште подобар живот и ќе го промовира Куманово во регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.

Scroll to Top