Потпишана Декларација за намери за превенција на насилство кај младите

Денес беше потпишана Декларација за намери за превенција на насилство кај младите од страна на пратеничката Драгана Бојковска како координаторка на Клубот за младински прашања и политики во Парламентот, Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Министерството за дигитална трансформација, заедно со партнерски установи, невладини организации, организирано со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Потписниците потврдија дека ќе се заложат за градење на безбедна училишна средина, едукација за ненасилна комуникација, превенција во спортот, дигитална безбедност и психосоцијална поддршка, посилна координација помеѓу одговорност меѓу институциите и други превентивни методи.

По потпишувањето на декларацијата, се оддржа и панел-дискусија, а меѓу панелистите беше и пратеничката Драгана Бојковска. Таа напомена дека како координаторка на Клубот за младински прашања и политики, ќе се заложи за поголема интеракција со останатите институции за поефикасна и темелна имплементација на оваа Декларација.

Исто така, од нејзина страна беше истакнато дека се работи на менталното здравје на младите, бидејќи тоа претставува фундаментален елемент за секој поединец. Освен за младите, нагласи дека и родителите треба повеќе да се вклучат во интеракцијата со своите деца, сè со цел да се надминат проблемите со кои тие се среќаваат во адолесценцијата.

Scroll to Top